Компаниите што тргуваат со нафта и ланците маркети во малопродажба на храна, пијалаци и тутун вртат најмногу пари во земјава. Најголеми извозници се производителите на делови за моторни возила, компаниите од секторот „товарен патен транспорт“ и производителите на други обоени метали. Ова го покажува најновиот извештај на Управата за јавни приходи според кој лани сите компании оствариле промет од 16,3 милијарди евра, кој е поголем за 2,16 отсто во споредба со 2012 година. Извештајот покажува и промени во структурата на прометот.

„Податоците покажуваат дека според структурата, прометот со добра и услуги што се оданочуваат со општата даночна стапка од 18 отсто се намалува за 0,50 процентни поени, а прометот што се оданочува со бенефицираната даночна стапка од 5 отсто расте за 4,85 процентни поени. Пораст бележи и извозот за 6,97 процентни поени, а прометот што е ослободен од ДДВ без право на одбиток опаѓа за 1,39 процентни поени. Сето тоа резултира со намалување на данокот од вкупно извршениот промет за 0,12 процентни поени во споредба со истиот период од 2012 година“, стои во извештајот.

Според ДДВ-пријавите од компаниите, имаме 30.887 даночни обврзници, кои лани имаат искажано промет што се даночи од вкупно 11,9 милијарди евра. Од нив, 5.519 обвврзници или 17,87 отсто им припаѓаат на првите десет рангирани дејности, со искажан промет од 4,5 милијарди евра, што претставува 37,79 отсто од вкупно искажаниот промет.

„Најголем поединечен промет лани е извршен од дејноста трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници и трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутун“, е потенцирано во извештајот.

Податоците од ДДВ-пријавите покажуваат дека 6.654 даночни обврзници имаат искажан извоз во износ од речиси 3,8 милијарди евра. Од нив, третина или 2.115 компании, што е 31,79 отсто од вкупниот број, им припаѓаат на првите десет рангирани дејности со искажан извоз од 2 милијарди евра или 54,45 отсто од вкупниот извоз.

Најголемите извозници спаѓаат во дејноста производство на други делови и дополнителен прибор за моторни возила, товарен патен транспорт и производство на други обоени метали.

Дури 7.704 даночни обврзници во ДДВ-пријавите имаат искажан увоз во износ од 3,8 милијарди евра. Од нив, 980 даночни обврзници или 12,72 отсто од вкупниот број им припаѓаат на првите десет рангирани дејности со искажан увоз од 1,4 милијарда евра.

Најголемите увозници во земјава се од дејностите производство на рафинирани нафтени производи, трговија на мало со моторни горива и мазива во специјализирани продавници и неспецијализирана трговија на големо.

OhridNews

Извор:„Дневвник“