Денес, во амфитеатарот на  на Медицинскиот факултет во Скопје, се одржа научно предавање за употребата на информатичките технологии во борбата против ракот, во организација на Универзитетот за информатички науки и технологии “Св. Апостол Павле” од Охрид и  Медицинскиот факултет при Универзитетот “Св. Кирил и Методиј” од Скопје.

Предавањето на тема „Компјутерска анализа на динамиката на микротубулите за персонализирана хемотерапија“ го одржа д-р Александре Матов од Веил Корнел Медицински Колеџ при Универзитетот Корнел од Њу Јорк, САД.

Во рамки на предавањето беше презентиран проектот за развој на компјутерски базиран алгоритам кој што со висока точност детектира циркулирачки малигни клетки во крвта на пациентите заболени од рак. Истражувачкиот проект цели и кон создавање на персонализирана терапија за пациенти на кои им е дијагностициран рак на простатата и градите.

Проф. Матов ја објасни оптимизацијата на алгоритам за следење на активноста на малигните клетки во зависност од лековите кои се употребуваат, при што главната цел е да се создаде ефективна хемотерапија која може да спаси многу животи.

–    Нашите предвидувања покажуваат дека со систематско карактеризирање на промените во динамиката на микротубулите при пертурбација со цитостатици (таксани) ќе се отвори можност за создавање на персонална хемотерапија која ќе може да се прилагодува за секој пациент поединечно. Ефективното имплементирање на персонализирана хемотерапија ќе доведе до продолжување на животниот век на пациентите со резистентен рак на простата. Нашето истражување има голем потенцијал и може да има големо влијание при земањето на решение со каков цитостатик ќе се лекува пациентот. Главната цел е создавањето на автоматизирана алатка која ќе им овозможи на лекарите лесно и брзо одредување на ефективноста на цитостатикот. Дополнително, истражувањето ќе доведе до подобро разбирање на механизмите кои се инволвирани во динамиката на микротубулите и како тие придонесуваат за стекнување на резистентност кон лекарставата кои ги таргетираат, рече д-р Матов  во своето обраќање.

  
Ректорот на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“, проф, д- р Нинослав Марина, потенцира дека соработката меѓу УИНТ и Веил Корнел Медицински Колеџ е во рамките на активностите за засилување на меѓународната соработка и научно-истражувачките активности што би резултирало со повеќе научни трудови во реномирани списанија и симпозиуми.

–    Корнел Колеџот е еден од најдобрите Универзитети во светот и тоа претставува  дополнителна мотивација за нас. Овој заеднички проект е уште еден показател дека знаењата и резултатите од информатичките науки и технологии можат да бидат применети во многу други дисциплини. Тоа ќе креира дополнително знаење и идеи за иновативни решенија кои покрај научно ќе имаат и економско влијание во општеството, рече ректорот  Марина.

OhridNews

–