Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денес презентираше нов модел за подобрување на администрацијата преку примена на систем за микро учење, таканаречен лејтнер модел на едукација.
Како што појасна министерот, доколку забележи дека вработениот на компјутерот нема активност, системот ќе му постави прашање. Различни целни групни во администрацијата ќе имаат различни прашања зависно од областа со која работат. Со постојаните едукации кои ќе им се нудат во тек на работното време, вработените ќе немаат потреба за посета на обуки надвор од својата институцијата. Од друга страна, раководителите ќе имаат постојан преглед за способностите и недостатоците на своите кадри, но и за нивните желби за прифаќање или одбивање на можностите за учење. Врз основа на тоа ќе ги наградуваат, прераспоредуваат на други работни места, заменуваат со други вработени.
-Во секој момент менаџерите во институциите ќе имаат статистика кој сака, а кој не сака да учи. Прашањето на компјутерот или на паметниот телефон секој има опција да го одговори или не. Доколку го одговори, но тоа е погрешно, системот го информира за тоа и го едуцира кој е правилниот одговор со објаснување. Системот на лејтнер е така направен што во одреден период доаѓаат исти прашања, рече Ивановски.