Навивачката група Рибари, која повеќе од три и пол децении е најискрен и најголем поддржувач на охридските спортски екипи и пример како безусловно се сака, помага и бодри својот град, подолго време е мета на притисоци кои влијаат и го демотивираат членството кое минува низ тежок период. Ова преку јавно соопштение на социјалните мрежи го објави НГ Рибари, осврнувајќи се на актуелните состојби во групата и притисоците кон неа.

Соопштението на Рибари го пренесуваме во целост:

Кога чашата е прелеана – толеранцијата станува недопустлива
Како сведоци на притисок и константна репресија врз целото членство што се врши веќе подолг период, изразуваме силен гнев и револт поттикнат од лицата во униформи кои ,,овозможуваат” секој домашен натпревар да помине во фер и спортска атмосфера.

И покрај бројните хуманитарни акции кои ги организираме самоиницијативно со нашиот несебичен труд и ангажман, очигледна е желбата дека некој упорно се обидува да стави дамка и да нè оцрни пред целата јавност. Имено, закани и неосновани апсења се само пример како се одвива обидот да се уништи угледот и лицето кое раководството на групата го гради веќе години наназад. Вредно е да се напомене дека на домашни натпревари, кога не постои потенцијален ризик, упорно сме третирани како да сме најозлогласена група.

Нашиот впечаток е дека препукувањата и сите недоразбирања нема да престанат и можат да резултираат само со лош исход, но тоа не значи дека ќе дадеме одврзани раце и немо ќе дозволиме пред наши очи да се одвиваат секакви игри. Сè почесто се запрашуваме: кој сака да згасне навивачкото движење во Охрид? Честа и образот што чинат многу повеќе од личниот интерес се симбол за нашето постоење и чесно дејствување кое ќе трае и понатаму.

 

Порачуваме дека нема да потлкекнеме и ќе продолжиме да се бориме за нашата приказна да продолжи засекогаш. Без разлика на тоа како ќе бидеме третирани, наша должност е да го браниме името на групата и градот.

НГ Рибари Охрид

Кому му смета навивачката група Рибари Охрид?

OhridNews