Сопствениците на сезонските угостителски објекти лоцирани на плажите што не се издадени под концесија, за подигнување, транспортирање и депонирање на комуналниот отпад ќе му плаќаат на јавното претпријатие „Охридски комуналец“ паушален надоместок во висина од 9 илјади денари за целата сезона. За соодветното третирање на комуналниот отпад  за поставена урбана опрема на јавните пешачки зони, претпријатието, месечно ќе наплаќа 15 денари по м2.

За  цените на услугите што ги врши ЈП„Охридски комуналец“ членовите на општинскиот совет ќе расправаат на 55-та Седница на чиј дневен ред е Предлог-одлуката за давање согласност на Одлуката за цените на услугите што ги врши „Охридски комуналец“.

Како што стои во Одлуката, сопствениците на возилото подигнато и транспортирано од подрачјето на Охрид треба да плаќаат надоместок во висина од 1600 денари, а доколку возилото  е подигнато и транспортирано надвор од подрачјето на општината, ќе плаќаат  1600 денари плус 32 денари за секој километар. Доколку сопственикот реши да си го подигне возилото веднаш по активностите на специјалното возило-пајак  надоместокот изнесува 850 денари. Охридски комуналец, за возилата кои се оставени во кругот на РЕ„Механизација“, за секои изминати 24 часа ќе наплаќа по 100 денари.
Според Одлуката, на сопствениците на индивидуални станови и станови во колективно живеење кои постојано живеат во нив, за третирањето на комуналниот отпад ќе им се наплаќа по 2, 2 денари за м2, а за оние кои повремено престојуваат во станбените објекти е одредена цена од 1,1 денари за м2.

Цената на медицинскиот отпад ќе се утврдува во зависност од волуменот на отпадот и  местото на лоцирање на садовите за отпад.

Александра Ристоска