Следејќи ги најавите за снежни врнежи, а согласно задолженијата за зимско одржување на територијата на Општина Охрид, Ј.П.”Охридски Комуналец” синоќа веднаш излезе на терен со претходно екипирани дежурни служби и подготвена механизација уште од вечерните часови, информираат од јавното комунално претпријатие.

-Цела ноќ се расчистуваа коловозите од сите улици во Општина Охрид и околината при што се посипани абразивни средства и сол и тоа на сите главни сообраќајници во градот, улиците во Стар град, улиците во населба Бејбунар, коловозите кои водат до селата Велестово, Рамне, Велгошти, Долно и Горно Лакочереј и др. Во населбата Бараки синоќа е интервенирано два пати со трактори и друга механизација со мешавина на сол и песок, а доколку урбаната заедница смета дека тоа не е доволно, треба да ни обратат и ние повторно ќе излеземе на терен, бидејќи службата за зимско оддржување е активна 24 часа.-велат од „Комуналец“

Од јавното коминално претпријатие посочуваат дека за подобро функционирање во зимски услови, набавена е надградба за зимски услови-специјален нож за чистење на снег од коловозите за камионите чија основна намена е собирање отпад. Со ова во голема мера ќе се зголеми ефикасноста и за пократко време ќе може да се оперира на поширокото подрачје на општина Охрид, додаваат од „Комуналец“.


Екипата на Комуналец на терен нешто по полноќ

Од Комуналец уште информираат дека екипите на Јавна Хигиена и Јавно Зеленило од 04.00 часот ги чистат тротоарите, градската чаршија и паркот, со посебен акцент на раскрсниците и пристапните патеки до училиштата и градинките.

Од јавното комунално претпријатие ги потсетуваат граѓаните и деловни субјекти на обврските кои ги имаат согласно Законот за Јавна чистота дека треба да го исчистат снегот со што ќе обезбедат непрчен пристап до нивните објекти, посочувајчи дека екипите и целата расположива механизација на „Комуналец“ се во мобилна состојба и подготвени да реагираат доколку ваквите временски услови продолжат.

OhridNews