Одредени одредби на Законот за гробишта се спротивни на Уставот, поради што тој не е применлив во пракса, истакна директорот на Ј.П „Охридски Комуналец“, Сашо Алче на денешната прес конференција, која јавното претпријатие ја организараше како одговор на обвинувањата што во јавноста ги изнесе приватното претријатие за погребални услуги „Мирен сон“ од Охрид.
Според Алче, Законот го крши загарантираното право на сопственост бидејќи не дозволува сопственикот на земјиштето на кое се вршат погреби да стопанисува со истото, а со одредени одредби се кршат и верските права. Поради тоа ЈП „Охридски Комуналец“ на 15-ти мај покренало иницијатива до Уставниот суд за испитување на уставноста на Законот за гробишта, кој Здруженуието на јавни комунални претпријатија АТКОМ бара од Министерството за транспорт и врски да го повлече.
Директорот Алче потврди дека Санитарната инспекција на 17-ти мај на јавното претпријатие му изрекла забрана за вршење дејност – погребување, но и покрај тоа „Комуналец“ извршува погреби, што е спротивно на законот. Алче објаснува дека Комуналец, како и сите други јавни претпријатија во земјата, свесно го крши законот затоа што според друга одредба од Законот за гробишта локалната самоуправа се обврзува во наведен рок да изврши погреб во случај да нема кој тоа да изврши, односно кој да плати за услугата.

Комуналец ја оспорува и лиценцата на претпријатието „Мирен сон“, кое според јавното претпријатие не ги исполнува минималните технички услови за вршење дејност поради што била покрената постапка пред Управниот суд. Комуналец тврди дека приватното претпријатие нема ниту доволно вработани и не може да изврши повеќе погреби во еден ден, но и дека јавното претпријатие не го попречува во вршење на дејноста иако договор помеѓу двете страни не е потпишан.

За решавање на проблемот, кој според Комуналец е присутен во сите општини, денеска ќе се расправа на седница на УО на ЗЕЛС на која се очекува потврда на предлагачот за одложување на примената на законот.
-Ова е речиси идентична ситуација како во случајот со Законот за фискализација на пазарите кој исто така беше неспроведлив поради што се одложи неговата примена до влегување на земјата во ЕУ, заврши Алче.











