Општинската комунална инспекција со асистенција на полицијата денеска изврши контрола на Зеленото пазарче на улицата „Јане Сандански“ кај кружниот тек во близина на болницата, каде се поставени неколку стандардни и повеќе импровизирани тезги на јавни површини.
Продавачите на стандардните тезги на инспекторите им кажаа дека плаќаат за поставената опрема и дека наводно им било дозволено да ги продаваат своите производи на оваа локација. Инспекцијата не се согласува со тоа.
-Тезгите кои се поставени на оваа локација имаат дозвола за продажба на цвеќе, а продаваат раноградинарски производи. Импровизираните тезги, пак, немаат дозвола за користење на јавна површина. -констатира инспекцијата.
Инспекцијата денеска не казнуваше, но беа легитимирани сите продавачи. Тие добија опомени, а доколку од утре бидат затекнати да продаваа на оваа локација ќе им биде изречена глоба согласно законот.
Дивото зелено пазарче на ул. „Јане Сандански“ никна по затворањето на градскиот пазар кој се реновира. Во нестандардни услови тука се продаваат раноградинарски и други прехрамбени производи. Често на ова место застануваат автомобили од двете страни на улицата што го отежнува одвивањето на сообраќајот на оваа мошне фреквентна улица.
Г.М.















