Владата со убедување дека одлуката за давање на Охридското Езеро под концесија е оправдана, пред се поради тоа што тоа е направено согласно Риболовните основи, изготвени од страна на Хидробиолошкиот завод од Охрид, со кои се  прецизирани условите под кои ќе се врши стопански риболов и начинот на контрола на концесионерот.

Охридската фирма „Пастрмка 2012“, која во наредните 6 години ќе управува и ќе се грижи за рибниот фонд во езерото на државата за концесија, годишно ќе и плаќа по 33.000 евра, а ќе има обврска да обезбеди современи чамци, опрема, рибочуварска служба и професионални рибари.


Согласно рибиловната основа и Законот за рибарство и аквакултура, точно ќе се знае концесионерот од кои места ќе влегува во езерото, прецизно ќе бидат обележани чамците за риболов, како и риболовците и рибочуварските служби, па така на многу едноставен начин ќе можеме да контролираме колку концесионерот годишно изловува риби, изјави заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњаноски при денешната посета на Охрид.

Концесионерот е должен да доставува записници, а инспекторатот ќе врши контрола на изловената риба.


Согласно риболовните основи, новиот концесионер во првата година ќе може да излови 2000 килограми пастрмка, 500 кг.белвица, 4000 килограми крап, како и 200.000 кг. Плашица.

–    Исто така очекуваме да се регулира и пазарот на риба во државава, затоа што до сега бевме сведоци дека на пазарите на диво се продаваше риба која не знаевме од каде доаѓа. Преку доделувањето на концесиите ќе се вработуваат и нови луѓе. Концесијата трае 6 години , а во тој период будно ќе се следат состојбите и ќе се вршат анализи во соработка со Хидробиолошкиот завод, по што ќе се одредат правците на дејствување во иднина, рече Коњаноски.

Количините утврдени со риболовната основа се менлива категорија. Доколку има негативни трендови ќе се намалат количините и обратно, но доколку се зголеми количината на излов ќе се зголеми и цената на концесијата, објаснуваат од Хидробиолошкиот завод.


–    Имаме строга контрола и обележување на риболовите алати. Одредени видови риба се елиминирани за лов, не се заштитуваат само ендемските видови, туку целиот рибен фонд. Промените се големи, плашицата бидејќи нема предатор раширена е до сред езеро што никогаш не не се случило. Мрената не е дозволена за риболов затоа што нејзината популација е загрозена. На рибниот фонд влијаат климатските промени, но и големиот број фрлени риболовни мрежи кои ги уништуваат плодиштата на риба, што треба да го решаваме заедно со државата и концесионерот, изјави Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот завод.

Покрај за Охридското Езеро, концесија за стопански риболов е доделена и за Дојранското Езеро и Шпиље, додека за Преспанското Езеро немало заинтересирани, поради што државата ќе распише нов тендер.

OhridNews