Иако Охрид несомнено ги има сите предиспозиции да биде високо на листата на места кои нудат одредени видови на здравствена нега, од типот на “ medical spa & wellness”, тн.дентален туризам, третман на гојазност, кардиорехабилитација итн, воопшто не постои на мапата  на овој вид на туристичка понуда. За жал, изгубен е чекорот и со соседите како Србија, Бугарија, Грција, Турција кои последниве години прават значајни  напори и се пробиваат успешно на овој  пазар, истакна на денешната прес- конференција кандидатот за советник од ВМРО- ДПМНЕ, д- р Гордана Коњановска .

–    Еден од проектитите на програмата на нашиот кандидат за градоначалник е и изградба на нови и приспособување на постојните објекти за здравствен туризам во близина на езерото. Новата локална самоуправа веднаш ќе иницира координирани активности на туристичките работници, давателите на здравствени услуги и професионалци од областа на осигурувањето, за  започнување на активности за стекнување со потребните меѓународни сертификати кои се неопходни за Охрид да стане сериозна дестинација за овој специфичен тип на туристи, рече Коњановска.

Како што таа потенцира, со развојот на здравствениот туризам ќе се придонесе кон продолжување на туристичката сезона. При тоа, додаде Коњановска, ќе се подржи изградбата и адаптирањето на бројните туристички објекти наменети за пружање на вакви специфични услуги.

– Ќе ги мотивираме на соработка со здравствени професионалци  кои исто така меѓународно ќе ги акредитираат своите специјалности. Геоклиматските карактеристики, природните убавини, историското богатство се наша огромна компаративна предност, но во случајот на здравствен туризам само при претходно исполнети строго дефинирани услови, за кои сме сигурни дека се остварливи. Новата локална самоуправа има  јасно дефинирана стратегија и подготвена е  да биде клучен фактор  во координирањето на сите чинители кои ќе бидат дел од здравствено туристичката понуда, рече Коњановска.

Потенцира дека кандидатите на советничката листа на ВМРО ДПМНЕ и коалицијата цврсто застануваат зад проектите кои поддржуваат развој на здравствен туризам во Охрид и дека нема да дозволат пасивност по ова прашање затоа што тоа е во интерес на Охрид и на граѓаните.

OhridNews