Со концерт што ќе се одржи на 29 декември во 19 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид, познатиот охридски бенд „Камелеон“ ќе одбележи 20 години на сцена.

Ова е наш прв концерт, за жал, но се надевам нема да биде последен. Концертот се подготвува неколку месеци. Активно работиме, се подготвуваат песните кои ќе бидат со нови аранжмани. – истакна Драган Василески – Пајче, вокал на „Камелеон“ на прес конференцијата што се одржа денеска во хотелот „Су” во Охрид.

Гости на концертот ќе бидат Горан Папаз, Ѓоко Танески, градски мешан хор Лихнидос, студентски квартет, и познатиот виолинист Џевад Рамадоноски. Во составот заедно со „Камелеон“ ќе бидат уште и Жармена и Димче Контрозоски, Никола Тони, како и пратечките вокали Ана Костадиновска и Сара Николовска.

Ќе дадеме максимум како и при секој наш настап изминатите две децении и ветуваме одлична забава. Исто така се подготвува и нова песна, доколку успееме да ја завршиме ќе биде изведена на концертот, доколку не веднаш потоа, значи 2019 ќе ја почнеме со нова песна. – додаде Василески.

Гитаристот и автор на повеќе песни на групата „Камелеон“ Роберт Милески се осврна на дведецениската работа на групата, исполнета со бројни настапи и квалитетни песни кои се вртат ден денес на радио станиците кај нас.

Нема тајна како успеавме да опстоиме дваесет години на сцената. Тое е пред се благодарение на публиката која ги прифати нашите песни, исто така нашето другарство, пријателство и почитување.  20 години ние сме како фамилија, секако тука е и желбата за свирење и создавање музика. – рече Милески.

Концерот на „Камелеон“ ќе се одржи во рамки на манифестацијата „Од 20 до 20 сите во Охрид“ што ја организира Општина Охрид која го поддржува и овој настан.

Билетите за концерот по цена од 250 денари во продажба ќе бидат пуштат деновиве во маркети „Тамаро“ тезга „Аждер“ и „Зи Зи Топ“.

OhridNews