„Танец и Ладо под звездите“  е настанот кој ќе ја донесе  македонската и хрватската фолкорна традиција, вечерва на сцената на Античкиот театар во Охрид. Во рамки на програмата на „Охридско лето“, концерт ќе одржат Националниот ансамбл „Танец“ и Хрватскиот ансамбл за народни песни и игри „Ладо“ .

 

 

 

Ансамблот ТАНЕЦ поседува уникатна збирка на оригинални традиционални носии со исклучителна вредност и убавина, од различни региони во земјата (повеќе од 2000 автентични носии), така што секој концерт на Ансамблот обезбедува единствено аудио-визуелно искуство на публиката ширум светот. Репертоарот се состои од повеќе од деведесет кореографии и неколку стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални творби, преку кои ансамблот ги претставува богатите разновидни регионални музички и кореографски традиции и стилови на богатиот македонски фолклор.

 

Сите вработени во ТАНЕЦ, како индивидуи и како тим, се почитувани низ целиот свет и ги уживаат пофалбите и посебната репутација за нивниот професионален пристап и автентичност на репертоарот. Ансамблот брои 40 извонредни игроорци, 20 неверојатни пејачи и 20 одлични инструменталисти, кои лесно можат да се комбинираат во различни формации. ТАНЕЦ има добиено многу награди и признанија, како Гранд при на Интернационалниот фестивал во Ланголен, Велика Британија, потоа „11 Октомври“, „13 Ноември“ „Св. Климент Охридски“ и „Орден за заслуги за Македонија“

Хрватскиот ансамбл за народни игри и песни ЛАДО е национален професионален фолклорен ансамбл основан во 1949 година, со задача и цел да ги истражува, собира, уметнички да ги обработува и сценски да ги претставува најубавите примери од богатата хрватска музичка и танцова традиција.

Преку својата работа, ЛАДО ги обединува најпознатите хрватски етнокореолози и кореографи, етномузиколози, музички аранжери и фолклористи, но и композитори и диригенти, инспирирани од народната музика. Сето ова резултира со импресивен кореографски и музички репертоар, со повеќе од сто кореографии и стотици вокални, инструментални и вокално-инструментални нумери, во кои е пред сѐ испочитувана оригиналната, автентична народна уметност.

Групата од 38 врвни игрaорци, истовремено и извонредни пејачи, лесно се трансформира од танцов ансамбл во репрезентативен фолклорен хор, а 14-те одлични музичари свират на околу осумдесет традиционални и класични инструменти. Ансамблот ЛАДО има уникатна збирка на оригинални народни носии со исклучителна вредност и убавина, така што секоја концертна изведба на ансамблот е исто така и еден вид на модна ревија на оригинална хрватска традиционална облека.

 

 

OhridNews