Kонцерт на класична музика во понеделник, 15 септември, ќе одржат хармоникашите Христијана Матеска и Филип Трајковски во изложбениот салон на Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид со почеток во 20 часот.

Матеска е родена во 2003 година во Охрид. Музичкото образование го почнува во ОМУ „Методи Патче“ под менторство на професорот Наум Џуклески. Под водство на професорот Љупчо Колевски, ја продлабочува својата страст и музичка посветеност. Средното образование го продолжува во Скопје, во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, во класа на професорката Зорица Каракутовска. Во моментов, Христијана е студентка на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Како солист и член на камерни состави, таа бележи значајни успеси на домашната и меѓународната сцена.  Трикратен државен првак е во соло категорија, а заедно со Филип Трајковски го освои и првото место на државниот натпревар по кмерна музика. Добитник е на прво место на меѓународниот натпревар „Охрид, те сакам“ во соло категорија, како и во категоријата во камерна музика со Филип Трајковски. Исто така, е добитник на прво место на натпреварот по хармонија, што ја истакнува како музичар со комплетен и разновиден профил. Со Софија Мирческа беа прогласени за апсолутни победници во категоријата на класични ансамбли на „Italia Award“, а на Светскиот куп за хармоника 2023 година го освоија 7-то место, претставувајќи ја Македонија на светско ниво. Освен тоа, има забележано настапи како учесник на Австралиското меѓународно првенство и фестивал на хармоника…

Филип Трајковски учел хармоника кај професорот Бобан Спасенцовски. Напоредно со основното училиште на 6 годишна возраст го запишале во основно музичко училиште ДМБУЦ Илија Николовски – Луј каде посетувал настава за пијано а потоа за хармоника. Средното музичко училиште Илија Николовски – Луј го завршил под менторство на професорот Љупчо Колески, а студира на факултетот за музичка уметност во Љубљана под менторство на професорот Борут Загорански. Филип 4 години ја држи титулата државен првак по хармоника во Македонија. Годинава како македонски претставник освои 3 место на европскиот куп по хармоника кој се одржа во Бијелина – Босна и Херцеговина, Исто така, има освоено многу први места и специјални награди на меѓународни натпревари како што се: “Охрид те сакам”, “Арт ин” Кавадарци, “Сергеј Михајлов” Штип, “Polyhumnia” Скопје, “Акордеон Фест” Књажевац, Србија, “Дани Хармонике” во Бјелина, Босна и Херцеговина и други. Филип, исто така ја претставуваше Македонија на светското првенство за хармоника “Coupe Mondiale 2023” кое се одржа во Бјелина.

Матеска и Трајковски деновиве имаа успешен концерт во Националната галерија – Даут пашин – амам во Скопје.

На концертот во Охрид, тие ќе изведат дела од Бах, Војтенко, Вјуртнер, Анџелис и Зубитски. Влезот на концертот е слободен за сите љубители на класичната музика.

OhridNews