На 9 август, еден од највлијателните рок бендови на овие простори, Галија, ќе одржи концерт во Охрид, на една од највпечатливите културни локации во регионот, Античкиот театар. Настанот, кој е во организација на Прагма продукција, претставува дел од летната концертна сезона што го привлекува вниманието на публиката од цела Македонија, па и пошироко.
Тешко е да се опише она што Галија претставува, затоа што не е само бенд, туку институција. Музички феномен што со децении опстојува без да прави компромис со сопствениот звук и стил. Малку се составите на овие простори кои можат да се пофалат со богата дискографија и, можеби најважно, настап во живо кој звучи моќно, прецизно и автентично, како најдобрите светски рок-групи, велат од Прагма продукција.
Во Охрид, бендот ќе настапи со препознатливата енергија и репертоар кој вклучува безвременски композиции како: „Још увек сањам“, „Дигни руку“, „Дали си спавала“, „Трубе“… како и музиката од култниот филм Зона Замфирова, песни што одамна прераснаа во химни на една генерација.
Античкиот театар во Охрид, со својата импресивна историја е идеална сцена за концерт од ваков калибар. Простор каде што секоја нота се слуша посилно, а секој стих добива посебна тежина. Музика како таа на „Галија“ природно припаѓа во вакви простори, на место каде што публиката не е само присутна, туку целосно вклучена, додаваат.
Картите се веќе пуштени во продажба и истите може да ги најдете преку продажната мрежа на www.kupikarta.com и кај Аждер.
OhridNews