Гласањето на на болните, изнемоштените и затворениците генерално се одвива без никакви проблеми, материјалот е навреме дистрибуиран од општински изборни комисии до соодветните избирачки одбори и граѓаните непречено го остваруваат своето избирачко право, информираше претседателот на Државната изборна комисија (ДИК) Борис Кондарко.
Досега немаме никакви приговори и забелешки од ниту една општинска изборна комисија и од ниту едно избирачко место. Податоци за излезноста засега нема, зашто гласањето трае до крајот на денот, а кога ќе заврши, ДИК ќе објави колку од пријавените лица за гласање во домашни услови и во старски домови го оствариле своето гласачко право, рече Кондарко.
Посочи дека околу 16 часот ќе биде објавен пресек, а по завршување на гласањето ќе објават и целосен процент на излезност. Резултатите од гласањето на овие категории лица ќе бидат објавени утре.
Така е по Изборниот закон и тоа е праксата на сите избори. Ливчињата од денешното гласање поединечно се ставаат во посебен запечатен плик и во гласачката кутија. Гласачките кутии и пликовите денеска не се отвораат и нема да се објават како резултати, тие се бројат утре, по завршување на гласањето заедно со сите други ливчиња во соодветните избирачки одбори и се евидентираат во соодветните ОИК. Резултатот од денешното гласање се брои заедно со гласачките ливчиња, се евидентира и ќе се објави утре по 20 часот, ппотенцираше Кондарко.
Инаку, утринава гласањето на болните и изнемоштените лица во Општина Ново Село беше привремено прекинато поради техничка грешка во редните броеви на носителите на советничките листи на гласачките ливчиња, но како што посочи Кондарко исправена била печатната грешка и материјалот бил доставен со што гласањето и таму се одвива непречено.
OhridNews