Министерството за образование и наука денес издаде препорака второто полугодие на учебната 2011/2012 година во сите основни и средни училишта во Република Македонија да почне во понеделник 23.01.2012 година, наместо на 20.01.2012 година, поради екстремно ниски температури во некои општини, пред се во западниот дел на државата.

Министерот Панче Кралев, на денешната прес конференција истакна дека препораката се должи на голем број барања на градоначалници и директори на училишта во општините во кои овие денови е многу студено.

Министерството препорачува додадениот ден во зимскиот распуст учениците и наставниците да го одработат во април.

– Ова беше разгледено на вчерашната седница на Владата и со оваа препорака им излегуваме во пресрет на општините. Веруваме дека сите општини ќе донесат одлука за одложување на наставата од понеделник. Ова не можеме да го наметнеме и затоа даваме препорака, исто како што направивме и за превисоките температури на почетокот на учебната година, рече Кралев.

Препораката е во согласност со прогнозите од метеоролозите кои предвидуваат студениот бран да трае до крајот на неделава.

Согласно препораката од министерот за образование, од локалната самоуправа соопштуваат дека во училиштата во Охрид второто полугодие наместо во петок, ќе започне во понеделник.

OhridNews