Треба да сме свесни за негативните последици од климатските промени и за потребата од глобална акција за намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата, без што борбата за спас на планетата Земја, а со тоа и на животната средина не може да успее. Ова меѓу другото беше истакнато на втората конференција за климатски промени, што во организација на Милиеуконтакт Македонија и УСАИД, денеска и утре се одржува во Охрид.
Оваа конференција се одржува во специфичен момент кога светските лидери се подготвуваат за конференцијата во Париз која ќе се одржи подоцна оваа година, на која треба да се дефинира глобалната стратегија за климатските промени и акциите кои треба да се преземат во тој правец, истакна амбасадорот на САД во Македонија Џес Бејли. Во тој контекст, смета Бејли, улогата на општините е клучна, затоа што, како што посочи, потребна е акција да се изработи добра стратегија, но и практични решенија за справување со климатските промени од сите.
-Потребна е политичка волја за справување со климатските промени. САД ќе ги поддржат општините во Македонија, како и напорите кои светот ги презема за справување со климатските промени. Заедно со Кина работиме на агендата за справување со климатските промени, но постои еден факт дека и доколку Кина и САД ги намалат емисиите на штетните гасови во атмосферата на нула, нема да запрат климатските промени, потребно е сите да го направат тоа.– рече амбасадорот Бејли.
Тој посочи дека 60 проценти од емисијата на штетни гасови денес доаѓа од земјите во развој и затоа мора сите заедно да се справат со овој глобален проблем, а не да се обвинуваме кој е виновен за климатските промени.
-Промените започнуваат со големи стратегии, но и со стратегии на секоја една општина, почнуваат со загрижени граѓани кои ќе побараат од своите лидери да преземат акција.-додаде Бејли.
Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, Нурхан Изаири, истакна дека заклучоците од конференцијата во Охрид ќе дадат насоки кои ќе бидат вградени во идните стратегии за климатски промени.
-Општините треба да да се вклучат во процесот на изработка на стратегии за климатски промени, така што стратегијата од централно се спушта на локално ниво и нивниот придонес е многу значаен.– рече Изаири.
Според градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, Охрид како град со заштитено природно и културно наследство од УНЕСКО, има обврска да ги прилагодува своите политики на климатските промени и во своите програми за работа да ги инкорпорира сите активности кои значат справување со климатските промени и ублажување на негативните последици од нив.
Во тој контекст, посочи Бакрачески, се размислува за решенија кои би придонеле за намалување на емисијата на штетни гасови во атмосферата.
–Ги имаме предвид можностите за намалување на емисијата на штетни гасови, во тој контекст и за замена на моторите кои се користат во водниот сообраќај, но и на возилата на копно, коишто најчесто се во согласност со европската легистлатива. Ќе продолжиме во иднина да партиципираме во сите насоки кои ќе значат заштита на животната средина и намалување на емисијата на јаглерод диоксид во атмосферата.-изјави Бакречески.
На конференцијата во Охрид учествуваат над 100 претставници на граѓански асоцијации, општини и експерти од Југоисточна Европа, САД и Холандија, како и на УНДП, УНЕП, УНЕСКО и други диполоматски мисии во Македонија. Конференцијата треба да ги охрабри напорите за справување со климатските промени, чии последици се поизразено се чувствуваат и во земјата.
Во Македонија со финансиска помош на УСАИД и владата на САД до сега осум општини изработија стратегија за климатски промени: Пехчево, Теарце, Богданци, Кривогаштани, Маврово/Ростуше, Боговиње, Студеничани и Виница, на кои од денеска ќе им се придружат општините Прилеп и Делчево.
Горан Момироски