Министерството за труд и социјална политика наскоро ќе предложи  конкретен пакет мерки за намалување на невработеноста во Македонија, ова вчера го најави ресорниот министер Спиро Ристовски, по седницата на економскиот совет на Владата, на која министрите и претставници од стопанските комори дебатираа за прашањето на невработеноста.

Според Ристовски се работи за мерки поврзани со начинот на евиденција и регистрација на невработените лица во државата, за системот на контроли и повеќе законски измени што треба да се реализираат.

– Нашите очекувања се позитивни, позитивни се и очекувањата на бизнис-заедницата. Верувам дека во наредните десетина дена ќе излеземе со конкретен пакет мерки, со кој ќе предложиме јавна дискусија по однос на намалување на бројот на невработени лица во Македонија, рече Ристовски.

Тој појасни дека Министерството за труд и социјална политика ќе продолжи со своите активности поврзани со анализа на законодавството и промена на одредени законски решенија во однос на начелно изнесените барања на коморите и врз основа на тие анализи потоа ќе се процени кои закони ќе бидат променети.

Од стопанските комори, пак, се очекува предлози што ќе се однесуваат на доустручување односно дооспособување на дел од кадарот во согласност со реалните потреби на пазарот на труд, како и за подобрување на квалитетот на стручното образование на младите уште во процесот на нивното основно образование.

Раде Ненадиќ од Сојузот на стопански комори вели дека најбитно е усогласување на понудата и побарувачката на работна сила во Република Македонија, односно образување на оној кадар што е потребен за стопанството и намалување на кадарот што реално и објективно не може да најде работа во државава.

OhridNews