Градоначалникот на општина Охрид објави конкурс за доделување стипендии на талентирани ученици од општинските основни и средни училишта на подрачјето на Општина Охрид за учебната 2014/2015 година. За оваа цел предвидени се 15 стипендии за талентираните ученици од VIII и IX  одделение и 20 стипендии за талентирани ученици  од II,III и IV година во општинските средни училишта, на подрачјето на општина Охрид.

Право на стипендија имаат кандидатите кои учат во општинските основни  и средни училишта на подрачјето на општина Охрид, а ги исполнуваат следниве услови: да се редовни ученици, да освоиле награди за поединечно освоено I,II или III место на државен или меѓународен натпревар во областа на науката, техниката, културата и уметноста, да оствариле континуиран  одличен  успех во текот на школувањето од VI одделение па нагоре за основците и од I година па нагоре, за средношколците, да не се корисници на стипендија или кредит од други институции или фирми.

Висината на стипендијата ќе изнесува 1500 денари месечно за девет месеци во текот на  учебната  2014/2015 година. Потребните документи кандидатите треба да ги достават  најдоцна 15 дена од денот на објавувањето на Конкурсот.

Градоначалникот објави конкурс и за доделување стипендии на редовни студенти од Општина Охрид запишани на државните универзитети во Република Македонија за  академската 2014/2015 година. Општина Охрид ќе додели 30 стипендии за редовни  студенти  од   II,III,IV,V и VI  година кои студираат на државните универзитети во Македонија, за академската 2014/2015 година. Право на стипендија имаат кандидатите кои студираат на државните универзитети во Република Македонија, а ги исполнуваат следниве услови: да се редовни студенти,да оствариле просечен успех во текот на студирањето од минимум 8, да не се корисници на стипендија или кредит од други институции или фирми.

Висината на стипендијата ќе изнесува 2 000 денари месечно за девет месеци во текот на  учебната  2014/2015 година.

OhridNews