Со верификувањето на мандатите на сите 120 кандидати избрани на предвремените парламентарни изборите што се одржаа на 11-ти декември, денес, беше конституиран деветтиот од осамостојувањето на земјата состав на македонскиот парламент.

Со собранието на седницата претседаваше претседателот на Собранието во заминување Трајко Вељаноски. Како негови заменици беа назначени пратениците Стојан Миланов и Јусуф Хасани.

Оливер Спасовски, од коалицијата предводена од СДСМ, во процедурална забелешка рече дека досегашниот собраниски спикер Трајко Вељаноски не треба да претседава со седницата, поради тоа што и според парламентарната практика и според Деловникот, со неа треба да раководи највозрасниот пратеник.

Вељаноски одговори дека има разлика во практиката и во спроведувањето на Деловникот за што смета дека преовладува во работата .

Потоа седницата беше прекината, за да се формира Комисија за избор и именување која ќе треба да достави предлог за избор на претседател на Собранието. За претседател на Верификациската комисија беше избран Влатко Ѓорчев, а членови се Петре Шилегов, Реџаиљ Исмаили, Фадил Зејнели и Сурија Рушити.

Пред Собранието да гласа за верификацијата, претседателот на Верификационата комисија, Влатко Ѓорчев ги прочита имињата на сите пратеници и констатираше дека нема основ за оспорување на верификацијата на мандатите.

Процедурално реагираше пратеник на Движењето БЕСА, Фадил Зендели, кој праша зошто документот што го подготви комисијата не е изработен и на албански јазик и побара да не се верификува мандатот на Јохан Тарчуловски, затоа што според него бил Хашки осуденик.

На тоа Вељаноски одговори дека сите документи се преведуваат и се доставуваат до пратениците, а за да не се верификува нечиј мандатот треба да има законски пречки, што во случајот на Тарчуловски не постојат,

„Да констатирам дека изборната кампања заврши, па заврши и периодот за давање политички квалификации. Пратениците треба да работат конструктивно и да ги наоѓаат работите што ги поврзуваат. Ако направиме список кој на кого не му се допаѓа во Собранието ќе биде тоа долга листа. Тука сме врз база на волјата на граѓаните“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

По верификацијата Вељаноски констатираше дека престанува мандатот во Владата на оние пратеници кои досега беа нејзини членови. Со верификацијата на пратеничкиот мандат престануваат и сите други функциите на кои досега биле пратениците, а кои не се споиви со пратеничката.

На конститутивната седница не присуствуваат само двајцата новоизбрани пратеници од ДПА.

OhridNews
извор Макфакс