Согласно Законот за рамномерен регионален развој, Советот за развој го сочинуваат градоначалниците од општините кои влегуваат во состав на планскиот регион, така што во Југозападниот плански регион ова тело има 9 членови, а тоа се градоначалниците од општините: Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Кичево, Пласница, Македонски Брод, Дебар и Центар Жупа. Во претходниот состав Советот го сочинуваа 13 членови, но со припојувањето на општините Зајас, Осломеј, Другово и Вранештица кон Кичево, бројот на членовите на Советот се намали на девет.
Со конституирањето на советите за развој и изборот на претседателите на осумте плански региони во државата ќе може да се свика седница на Советот за рамномерен регионален развој на РМ, на која се очекува да биде донесена одлука за одобрување на регионалните проекти за 2013 години, финансирани од националниот буџет. Инаку, Центарот за развој на Југозападниот плански регион, согласно законските рокови, до Бирото за регионален развој достави седум регионални проекти во висина од 9,2 милиони денари и чека на нивно одобрување, по што ќе може да започне со нивна реализација.
На седницата националниот совет, се очекува, да бидат одобрени и проектите за развој на подрачјата со специфични развојни потреби и за развој на селата за кои до Бирото за регионален развој проекти доставуваа единиците за локална самоуправа.
Конститутивната седница на Советот за развој на Југозападниот плански регион ќе се одржи во салата за состаноци на Советот на Општина Струга.