Пратениците денеска треба да ја продолжат дебатата за избор на Комисијата за прашања на изборите и именувањата. Вчера пратениците на ВМРО-ДПМНЕ говореа дека молкот и бегањето од дебата е одраз на страв на пратениците на СДСМ да се соочат на избори со оние на кои им ја подметнале платформата од Тирана. Претседателот на Алијансата на Албанците Зијадин Села пак за време на вчерашната седница рече дека заедничката декларација на албанските партии постоела и кога мандатот го имала ВМРО-ДПМНЕ и дека всушност, рече тој, „нивната мака е Специјалното обвинителство“.
Пратениците од СДСМ стојат на ставот дека треба да се премине на гласање на следната точка од дневниот ред, односно избор на претседател на Собранието.
Денеска е 20-то продолжение на конститутивната собраниска седница.
Согласно договореното, во Комисијата за прашања на изборите и именувањата треба да членуваат шест претставници од ВМРО-ДПМНЕ и пет од СДСМ, а ДУИ и БЕСА да имаат по еден член.
Конститутивната собраниска седница почна на 30 декември 2016 година, но беше прекината бидејќи не беше обезбедено парламентарно мнозинство за избор на претседател на Законодавниот дом.
OhridNews
Н.М.