Со исказ на обвинетиот Ѓоко Н. кој се товари за за помагање на сторител по извршено кривино дело, во Основниот суд во Охрид продолжи главниот претрес во случајот за убиството на српскиот државјанин Дејан Новаковиќ, кој настрада во тепачка што на 27-ми август 2010 година се случи во центарот на градот.


Обвинетиот кој сега се наоѓа во куќен притвор негираше дека ги избришал снимките од камерите за обезбедување во ноќниот клуб „Куба либре – Хавана“ каде започнал инцидентот, бидејќи немал авторизација, односно лозинка за пристап до компјутерот каде тие се регистрираат. Исто така тој негираше дека и наредил на хигиеничарката што го чисти објектот да ги избрише трагите од настанот. Обвинетиот, кој инаку работи како менаџер во кабарето, истакна дека критичната вечер во објектот кој не бил исполнет имало нормална атмосфера и дека тој поради своите работни обврски поврзани со сместување на посетителите не забележал како и кој ја започнал расправијата која надвор од клубот прераснала во тепачка. Тој кажа дека тепачката се одвивала пред летното кино и дека забележал неколку паднати лица. Тогаш тој добил телефонски повик од сопственикот на клубот поради што влегол внатре. Кога излегол повторно  во паркот меѓу ноќниот клуб „Хавана“ и Дирекцијата на „Охридско лето“ забележал едно лице како провоцира и ги повикува останатите физички да се пресметаат обраќајќи им се со зборовите: „Доѓите овамо“. Тој објасни дека клубот по инцидентот продолжил да работи до 5 часот кога дошла полицијата и започнала со идентификација на присутните.


Пред судот исказ даде и сопругата на убиениот, Сандра Новаковиќ со која покојниот имал три малолетни деца. Таа кажа дека Дејан во Охрид дошол со својот пријател од детството Горан Периќ, инаку туристички водич, со цел да види како е тука, затоа што планирале со семејството да летуваат во Македонија. Таа кажа дека Дејан и Горан како деца тренирале џудо, а сопругот заработувал од продажба на мобилни телефони преку огласи. На повеќе прашања на одбраната дали сопругот тренирал други боречки вештини таа одби да даде одговор.


Пред судот сведочеше и Горан Периќ, другар на убиениот Новаковиќ со кој заедно биле критичната вечер во клубот „Куба либре – Хавана“.

Тој препознавајќи го на приложените фотографии го посочи српскиот државјанин Драган Ѓ, кој инаку е недостапен за органите на прогонот, како иницијатор на тепачката. Тој како што рече несакајќи при разминување со лактот го закачил обвинетиот, по што бил физички нападнат. Веднаш дошле две лица за кои мислел дека се од обезбедувањето на клубот кои  побарале од нив да го напуштат објектот. На излегување тој побарал од лице кое го сретнал на излезните скали да биде повикана полиција, но  веднаш потоа по излегувањето надвор пред клубот забележал како група лица го тепаат Дејан Новаковиќ. Сведокот рече дека се обидел да му помогне на другарот, при што и самиот бил физички нападнат,  посочувајќи ги првиот и вториот обвинет како дел од групата која ги тепала.


Одбраната на обвинетите која на неколклу пати вербално влезе во конфликт со јавниот обвинител и адвокатот на оштетените, искажа сомневање во исказот на сведокот Горан Периќ, кој според неа битно се разликувал од изјавата дадена пред истражниот судија.

– Исказот на сведокот Горан Периќ, кој според нас е директен учесник на кривично правниот настан ако не и причинител, битно се разликуваше од исказот од истрагата. Тогаш препозна лица со црвсто алиби, за денес сето тоа да го релативизира се со цел да одбегне евентуална сопствена одговорност од кривично правниот настан. Поради неговиот исказ неколку лица кои не беа на местото на настанот беа во притвор повеќе месеци, а некои и денес се наоѓаат и се надеваме дека овие забелешки кои ги ставивме на записник судот ќе ги има предвид во натамошниот тек на постапката, изјави адвокатот Игор Кичеец.

Спротивни забелешки имаше полномошникот на семејството Новаковиќ, кој најави дека тоа ќе истакне оштетно побарување, чија висина дополнително ќе се утврдува.

– Како на изминатиот главен претрес така и на денешниот можеше да се забележи дека исказите на тројцата обвинети во случајот се прилично конфузни и контрадикторни. Денеска имавме циничен обид на дел од одбраната да го дискредитираат убиениот покажувајќи извесни снимки извадени од интернет за учество во некакви тепачки за пари во кафези снимени во Белград, на кој се гледаат лица со поголема градба од Дејан Новаковиќ и прашање е каде воопшто се правени тие снимки.-изјави адвокатот Предраг Ќириќ.

Инцидентот се случи на 27 август минатата година, кога во тепачка во центарот на градот смртно настрада 34-годишниот Дејан Новаковиќ од Белград. Првично за случајот беа осомничени осум лица, за потоа обвинение да биде покренато за четири лица.

Судскиот процес за убиството на Дејан Новаковиќ, ќе продолжи на 17-ти март.

OhridNews