Вкупно 7 скутерџии биле казнети ова лето бидејќи ги управувале своите скутери по Охридското Езеро во временскиот период од 11 до 19 часот, кога е активна законската мерка за ограничена пловидба на овие пловни објекти. Од Капетанијата на пристаништата во Охрид велат дека за разлика од претходните година евидентирано е намалување на прекршоците поврзани со забраната за пловидба на скутери.

-Имаме намалување на отстапувањата од оваа забрана за дури 70 %, а тоа се должи пред се на редовните контроли. Летово се извршени преку 200 контроли на целото езеро од кои 37 се записнички потврдени. Во рамки на контролите поради непочитување на забраната за пловидба се изречени седум санкции. Нашите испектори се секојдневно на терен до 20 часот, вели Горан Устијаноски, Капетан на Капетанијата на пристаништата во Охрид.

Тој појаснува дека освен скутерите, во интерес на безбедноста на сообраќајот на вода, редовно ги контролираат и останатите пловни објекти кои пловат по езерото.

-Секое излегување на терен посветуваме максимално внимание на секој можен пловен објект кој ќе го затекнеме во езерото. Сакаме да влијаеме на свеста на секој сопственик на пловен објект за важноста на безбедната пловидба, потенцира Устијаноски.

Дека е намалено присуството на скутери во езерото потврдуваат и туристите на охридските плажи.

-Единствено може да се видат скутери во езерото кај плажата Воска во Охрид. На другите плажи не забележавме ваква појава, вели повозрасен турист од Скопје.

Освен во овој дел на езерото изолирани случаи на непочитување на ограниченото возење на скутери  деновиве биле забележани и на струшкото крајбрежје.

-И покрај забраната може да се забележат скутери во езерото и тоа најчесто по 16 часот. Најверојатно поради високите казни, нивниот број е намален во споредба со претходните години, но сепак може да се забележат. За среќа годинава се нема случено никаков инцидент во водата, велат дел од концесионерите на плажи во Струга.

Освен забраната за скутери која важи до крајот на август, по Охридското Езеро од 21 до 5 часот, секој ден има забрана и за чамци.

Е.М