Мисијата на ОБСЕ и Агенцијата за односи со јавност Пристоп денеска за студентите на охридскиот факултет за туризам организираа предавање за концептот на правото како дел од кампањата за подигнување на јавната свест „Играј според правилата“.


„Концептот на право  и правна држава е идеал на секое демократско општество, но ние  сме далеку од тоа, зашто тоа  претпочита социјална држава и еден голем ум вели дека во држава  во која нема барем 4 илјади долари по глава на жител годишно, тука нема демократија зашто луѓето се зависни и при избори гласаат за литар  зејтин, за работно место “, рече професор доктор Миладин Крстаноски од Факултетот за туризам и организациони науки од Охрид. Тој додаде дека во нашата држава правото го спроведуваат луѓето кои добиле на изборите лепејќи повеќе плакати. 

Професор доктор Крстаноски смета дека првиот чекор во имплементирањето на концептот на право треба да започне со доследно почитување на законите такви какви што се. Според него, студентите, како што рече тој,  се движечка сила на секое општество, но кај нас тие не се активни во прекројувањето на општеството и во функционирањето на институциите.


„Правото е систем од правила кои се користат да го уредат начинот  на  кој се однесува општеството. „Сите ние мораме да ги почитуваме и следиме правилата“, рече Џовдат Мамадов одделот за владеење на правото  при ОБСЕ.

Кампањата треба да го смени начинот на размислување кога станува збор за правото и неговата примена.

А.Р.