Љубителите на музиката и квалитетните музички настани утревечер ќе имаат несекојдневна можност да уживаат во безвременските новогодишни класици на предновогодишниот концерт „LET IT SNOW“ кој ќе се одржи во петок во Центарот за култура „Григор Прличев“. Креатори на овој уникатен петпразничен настан, кој ќе ја разубави предновогодишната атмосфера во Охрид се Петар Маркоски квартет и Горан Папаз. Влезниците за предновогодишниот концерт можат да се купат по цена од 200 денари на билетарницата при Центарот за култура и „Tobacco Fibos-“ трафиката среде чаршија.

Повеќе за идејата, подготовките и деталите за концертот може да прочитате во интервјуто со Петар Маркоски, кое го направи нашата редакција.

OhridNews: Од каде произлезе идејата за ваков предновогодишен концерт?

Петар М:Кога почнуваме да твориме и да се посветуваме кон она што ни е важно во животот, стигнуваме до некои моменти пред кои треба енергија, посветеност, работа и најважно поддршка од најблиските. Сакајќи јас да се заблагодарам на моите родители за се она што успеале да ми го овозможат во животот, се посветив на музиката и реализирање на некаков замислен проект на кој моите родители ќе имаат можност да бидат мои гости, каде ќе пробам да ги угостам и да ги натерам да уживаат. Тоа беше првична идеjа за формирање на таков бенд со исклучиво определена музика, кој проект понатака почна да се проширува. Во нашиот град Охрид се повеќе и повеќе почна да се занемарува ноќниот живот за повозрасните генерации, а најмногу и програмата за предновогодишните денови. Не сакав да бидам од тие кои цело време зборуваат дека  ништо не се случува во нашиот град Охрид, а и ништо не преземаат околу тоа, па поради сите тие работи одлучивме овој проект да прерасне во еден убав културен настан кој ќе може да се одржува и во обични денови и во овие убави предновогодишни денови, празници и на кој ќе може да има публика, како што „народски“  би се кажало од 7 до 77 годишна возраст. 

OhridNews: Како е замислена музичката програма, што ќе биде дел од репертоарот односно што ќе може да очекуваат охриѓани од овој претпразничен настан?

Петар М:Програмата за предновогодишниот концерт „LET IT SNOW“ е музика која е препознатлива за сечие уво, односно песни на светски познати имиња како Frank Sinatra, Dean Martin, Elvis Presley и многу други. Тоа е музика која никогаш не изумира, музика која еве веќе и по повеќе од половина век сеуште можеме да ја слушнеме на секакви настани, ја пеат и уживаат во неа многу генерации.

OhridNews: Дали музичките композиции ќе бидат изведени во оргинална форма или се подготвени посебни аранжмани?

Петар М:Кога станува збор за подготовка на композициите, единствено нешто што можам да кажам е дека даваме напори да бидат подготвени што е можно поблиску до оргиналната верзија, нормално и со наши елементи, поради самиот факт што во тоа време кога компонирале една песна во позадина свирел цел оркестар од најмалку 50 врвни музичари.

OhridNews: Колку време се подготвувате и ако може да ни доловите мал дел од подготовките?

Петар М:Подготовките течат веќе 3 месеци, пробите се константни од 3 до 6 часа на ден, што можам да кажам како и во секоја друга работа, упорност, дружба, среќа, возбуда, смеа, по некогаш и карање, но се е тоа дел од една организација која на крај се надеваме ќе вроди со плод.

OhridNews: Според најавите, концертот ќе биде збогатен со новогодишно уреден амбиент во Центарот за култура, може ли да откриете некои детали околу оваа замисла?

Петар М:Точно, наша желба беше Центарот за култура „Григор Прличев“ Охрид да добие еден поинаков изглед, специјално уреден празничен амбиент за кој ќе се погрижи „Impact group“.

OhridNews: Планирате ли овој концерт да прерасне во традиционален предновогодишен настан во Охрид?

Петар М:Дефинитивно би сакал овој концерт да прерасне во традиционален предновогодишен настан во Охрид, всушност ова е веќе и втора година како го организираме.

OhridNews: Петар Маркоски квартет и претходно реализираше слични музички проекти кои го привлекоа интересот на охриѓани, како ја воспоставивте соработката со останатите музичари од квартетот односно од кого произлезе идејата за овој музички состав и за ваквите проекти?

Петар М:Како што напоменав уште на почеток идејата за формирање на овој состав односно „Петар Маркоски квартет” и реализирање на проект од ваков карактер беше моја. Оваа идеја секако со тек на време се прошируваше и дополнуваше од целата екипа на бендот во која членуваат Филип Стојковски на тапани, Емилија Маринова пијано и Илија Волкан Бас гитара, и секако нашиот нов член Јован Бочвароски на гитара кој прв пат ќе настапи со нас на самиот концерт.

OhridNews: Како дојде до соработката  со Горан Папаз и како беше прифатен во вашиот музички тим?

Петар М:Соработката со Горан започна првично со неговото гостување на мојата песна „Еден Живот“ која беше пуштена во етер во месец јули, потоа следуваше првата песна односно преработка на „Петар Маркоски квартет & Горан Папазз“ на веќе познатиот Џез стандард од 1931 година „Dream a little dream“, после која следува и подготовката на самиот концерт „LET IT SNOW“ .

OhridNews: Какви се плановите за наредната 2015 година, ќе имаме ли прилика да видиме и слушнеме некаков сличен музички проект?

Петар М:Плановите за наредната година се секако позитивни и со желба за што повеќе музички парчиња од ваков карактер, можеби албум и неколку видео записи, се со цел да пробаме да вметнеме малку квалитетна музика на пазарот.

OhridNews