Како што информираат оттаму, комисијата за доделување на концесии ќе ги разгледа сите доставени понуди одделно, при што за најповолните ќе даде предлог до надлежното министерство, односно владата на РМ да донесе одлука за давање под концесија за секое од езерата.
– Оваа постапка се реализира согласно законските прописи, односно на распишаните јавни огласи можат да се јават сите оние кои ги исполнуваат пропишаните услови, велат од министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Од Хидробиолошкиот институт, кој ги изработи риболовните основи врз кои ќе бидат издавани концесиите за стопански и рекреативен риболов, деновиве беше информирано дека согласно донесената одлука на владата со рибниот фонд на трите природни езера, ќе управува еден концесионер.
Денес, оттаму појаснуваат дека станува збор за доделување на концесијата на по едно правно лице за секое езеро за стопански и рекреативен риболов.
– За секоја од овие риболовни води ќе бидат распишани посебни конкурси. Ова, од друга страна не ја исклучува можноста еден ист конкурент да се јави за секое од езерата, вели Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот институт.
Охридското Езеро е без концесионер од 2004 година.