Продолжување на времетраењата на концесиите за плажите, да се изедначат правата на индивидуалните концесионери со правата на хотелите при земањето под закуп на плажите, обесштетување од поплавите пред неколку години, ова се дел од барањата на концесионерите на плажите поставени на денешната прва, од неколкуте предвидени средби со градоначалникот Јован Стојаноски.

Концесионерите со позитивна оценка за организираните средби од кои очекуваат решавање на проблемите со кои се соочувале во изминатите години.

– Бараме да се продолжи времетраењето на концесиите на подолг период и да се земат во предвид направените инвестиции. Многу сме вложиле и затоа и ние сакаме да ги склучуваме договорите со локалната самоуправа како и хотелите, односно со непосредна спогодба, а не со јавно наддавање. Мора да се реши и проблемот со таканаречените диви шанкови, вели Љупчо Нечкоски, концесионер на плажа.

– Јас конкретно барам да ни се изврши обесштетување од поплавите пред неколку години, понатаму плажите од централното подрачје и надвор од градот да немаат иста цена при издавањето, бидејќи еве плаќаме закуп цела година, а едвај два месеца имаме заработка, вели Илија Џепароски.

Градоначалникот Јован Стојаноски потенцира дека ова е само една од предвидените средби и дека во врска со поставените прашања, одговорите ќе бидат испратени во најкраток можен рок.

– Се договоривме да формираат една асоцијација и сметам дека тоа ќе биде значаен чекор напред. Така заедно, сложно и организирано ќе можат да делуваат кон нас како локална самоуправа, но и кон централната валст, пред се за најгорливото прашање а тоа е краткиот период од пет години за користење на концесиите, вели Стојаноски.

За две седмици ќе биде зкажана втората средба на која се очекува да бидат отворени и други прашања, меѓу кои и оние околу обврските на концесионерите и нивното почитување на одредбите од договорите.

Т.К.