Од ЈП Комуналец се жалат дека концесионерите не покажуваат интерес за соработка, иако во склучените договори со Министерството за транспорт и врски, одржувањето на хигиената на плажите е еден од основните услови за земање под закуп.
– Имаме големи проблеми со концесионерите. До овој момент ретко кој има склучено договор со нас за подигање на отпадот и ретко кој ги има измирено обврските”, вели Сашо Алчев, директор на ЈП Комуналец. За ваквата состојба вината ја гледа и кај комуналните инспектори. “ Инспекциските служби затаија. До сега немаат поднесено ниту една прекршочна пријава до концесионерите кои не ги почитуваат одредбите од Договорот за закуп”, додава Алчев.
Наспроти ова, Танас Танасоски од Општинскиот инспекторат тврди дека од нивна страна постојано се вршат контроли врз плажите земени под закуп. “ Поднесени се голем број прекршочни тужби против концесионерите кои не го почитуваат договорот и тие се испратени до Министерството за транспорт и врски, кое стопанисува со крајбрежјето”, објаснува Танасоски.
Меѓу ретките концесионери кои редовно ги подмируваат своите обврски кон ЈП Комуналец е плажата Куба либре. “ Еден од основните услови за успешна работа е одржувањето на хигиената. Првата година кога ги зедовме плажите под концесија, надоместокот кој требаше да му го плаќаме на Комуналец беше превисок. На наше барање тој беше намален и сега нема никаков проблем. Ние навреме си ги подмируваме обврските, а Комуналец редовно го собира отпадот”, вели Венко Мостро, концесионер на плажата.
Главоболка на Комуналец не им создаваат само закупците на плажите. Години наназад се провлекува проблемот околу чистењето на крајбрежјето кое не е издадено под закуп и го стопанисува Министерството за транспорт и врски. Се прават обиди за негово решавање со помош од Локалната самоуправа.