Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, на предлог на концесионерот на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“, ќе пристапи кон измена на риболовните основи со кои се одредува количината на излов на охридска партмка, се со цел зачувување на овој ендемски вид риба, бидејќи неа се уште ја нема во доволни количини за излов и покрај зголемените мерки на заштита. Ова денеска во Охрид го најави ресорниот министер Михаил Цветков по средбата со претставници на „Пастрмка 2012“, и надлежниот инспекторат, на еден од риболовните пунктови во Охрид.
-Треба да пристапиме кон измена на риболовната основа, бидејќи онаа риба што ја има да ја лови му е дадена во помали количини, а таа што ја нема му е дадена во поголеми количини за изловување. Се работи за чисто техничко прашање кое се надевам ќе го решиме.-изјави министерот Цветков.
Претставникот на концесионерот на Охридското Езеро „Пастрмка 2012“, Танас Танасоски, објасни дека со риболовната основа оваа година предвидено е да се изловат 12 тони пастрмка, што според него практично е невозможно, и нереално, бидејќи овој вид риба го нема во доволни количини.
-Риболовната основа мора да претрпи имени затоа што определените количини не одговараат на фактичката состојба. Охридска пастрмка овие две години воопшто немаме уловено, а предвидени се големи количини кои сигурно нема да ги исполниме. Не сме разочарани и се надеваме дека охридската пастрмка ќе се врати на македонските трпези. Во овој момент ловиме само белвица во помали количини предвидени за лето и крап. – рече Танасоски.
Тој истакна дека се води посебно грижа за физичката заштита на Охридското Езеро, кое е под постојан надзор на рибочуварската служба која постојано се модернизира и опремува со чамци и друга соодветна опрема.
Од подрачната единица на инспектоаратот за земјоделство, истакнаа дека со доделување на концесијата за Охридското Езеро пред две години, во многу е подобрена заштитата на рибниот фонд. Инспекторот Јован Бојчески истакна дека е згоелем бројот на запленети мрежи и нелегално уловена риба, како и бројот на поднесени пријави.
-Изминатата година имавме поднесено 154 прекршочни пријави, а оваа година до овој момент имаме 147 прекршочни пријави и четири кривични. Од страна на инспекторатот одземени се 700 килограми најразлична риба уловена незаконски. Во 2014 година казнети се и 11 ресторани на охридската ривиера поради продажба на риба без сертификат за потекло.-истакна Бојчески. Тој упати апел до угостителите да набавуваат риба исклучиво од овластениот концесионер и регистрирани одгледувалишта на риба.
Во насока на подобрување на состојбите во сферата на рибарството од надлежното министерство најавија дека наскоро ќе се одржи работен состанок на кој ќе присуствуваат сите надлежни за оваа проблематика, по што ќе следи изготвување на акционен план за заштита на рибата во Македонија.
Г. Момироски