Плажата „Потпеш“ егизистира веќе осум години и досега не сме имале никаков проблем ниту со државните, ниту со локалните иснпекциски служби. За жал, овојпат, дали од непознавање како да се увиди фактичката состојба, неправедно бевме обвинети дека сме узурпатори на просторот и дека не се придружуваме до одредени делови од договорот за закуп на плажата, вели концесионерот Димитри Пендовски, демантирајќи ги обвинувањата на локалната самоуправа, дека кај плажата „Потпеш“ било констатирано и дека има узурпација на државно земјиште.
Како што вели Пендовски, делот за кој што е обвинет концесионерот на плажата не е узурпиран, туку соодветно нацртан и вметнат во елаборатот кој е составен дел од планската документација.
„Еве на лице место можеме да се увериме дека за делот, за којшто сме обвинети дека сме узурпатори, не е узурпиран, туку напротив е нацртан во елаборатот што е составен дел на документацијата предададена од Министерството за транспорт и врски и за тој дел, ние уредно секоја година однапред плаќаме кирија.“ – потенцира Пендовски.
Исто така, Пендовски ги демантира обвинувањата на општинскиот инспекторат, дека на плажата „Потпеш“ просторот целосно е прекриен со лежалки. Според него, несовесни граѓани со чамци узурпирале дел од капалиштето предвидено за посетителите на плажата.
„Во делот на лежалките за оние 40 проценти, може да се види дека 40 отсто од плажата „Потпеш“ не е послана со лежалки, туку има слободен дел кој за жал, некој несовесни граѓани, го узурпирале со стари чамци или направиле работилници. Ние многу пати имаме барано интервенција од инспекциските служби, но за жал досега немаме писмено реагирано, но ги имаме запознаено со тој факт.“ – објаснува Пендовски.
Тој се надева дека овие денови ќе има средба со надлежните во локалната самоуправа, со цел да се утврди фактичката состојба на плажата.
„Можеби постои некоја ситна грешка кај нас, но можеме да се договориме и истата да ја поправиме. Овојпат, во ова нивно соопштение за јавноста, неправедно сме обвинети дека сме узурпатори и дека на некој начин сме неправедни кон гостите.“ – вели Пендовски.
Како што потенцира Пендовски, поради високиот водостој на езерото, 20 проценти од песочната плажа се наоѓа под вода.
„Ние како концесионери на плажата на владеење имаме 1273 м2 по договор за користење склучен со Министерството за транспорт и врски за кој плаќаме кирија. Меѓутоа тоа е релативно, водостојот е висок, така ние имаме изгубено 20 отсто од песочната плажа, а во моментов имаме кусок од три метри, односно помалку корисна површина за капачите и нашите посетители.“ – потенцира концесионерот.
Плажата „Потпеш“ има ангажирано спасители на вода, а истата има 17 вработени лица.
„Редовно плаќаме кирија и ги помагаме сите манифестации во општина Охрид. Ние никогаш не сме биле кочница за развојот на туризмот во градот.“ – велат од плажата „Потпеш“.
OhridNews
Локалната изнесе детали за воочените прекршувања при контролите на плажите во Охрид