Претстојните парламентарни избори се од историско значење за иднината на земјата, која е пред крстопат да продолжи да назадува и да се одалечува од ЕУ и НАТО со политиките на актуелната владејачка гарнитура или да тргне храбро во промени кои ќе ја спасат државата и ќе ја вратат надежта кај граѓаните. Ова го истакна лидерот на ВМРО НП Љубчо Георгиевски на партиската конвенција која се одржа денеска во Центарот за култура во Охрид.

Во својот говор Георгиевски жестоко ги нападна политиките на најголемата владејачка партија, која како што рече, владее недемкратски и тоталитарно. 

-Нема понепатриотска и понемакедонска влада од онаа влада која суштински сака да му ја земе слободата и демократијата на македонскиот човек. Нема поголеми непријатели за Македонецот од оној кој има систем на владеење дека со страв ќе победува на сите избори. Денеска ако ја анализираме состојбата со демократијата во Македонија ќе видиме дека се владее со страв, уцени и со закани преку системот на финансиски казни, затварања и пресии врз државната администрација и гласачите. Зборот срам е тој со кој треба да се опише сегашната состојба во Македонија и треба да се засрамат сите кои на ваков начин владеат, но и интелектуаците, новинарите и медиумите кои прифатиле да учествуваат во тој систем на пресии, но треба да се засрамиме и сите ние граѓаните што дозволуваме некој со диктатура и нетолеранција да владее со македонскиот народ.-рече Георгиевски.

Георгисвски истакна дека актуелната власт нема намера да ги реши проблемите на макеедоснките граѓани, вклучително и проблемот со името поради што Македонија од лидер во реформите и земја кандидат за влез во ЕУ и НАТО во времето кога тој бил премиер, денес е на дното во регионот по сите параметри. Тоа рече тој, предизвика масовно иселување на народот и сериозни демографски промени.

-Проблемот со името е наметнат од надвор, но тоа е наш проблем и ние мора да го решиме. Во светот има многу неправди, но ние доколку не сфатиме дека силните владеат ќе изгубиме многу, како што тоа било секогаш во историјата во која на Македонија и се нанесени многу неправди. Треба да сме одговорни политичари и да го решиме овој проблем. Има две опции за тоа, или да чекаме некое пророштво од Нострадамус или пак да го пресечеме јазолот и да тргнеме напред, да влеземе во друштвото на богатите и безбедни држави. Сега е време да го решиме пороблемот, во спротивно ќе продолжиме да пропаѓаме.-истакна Георгивески.

Тој ја обвини владејачката ВМРО ДПМНЕ дека е директно одговорна што Македонија не е член на ЕУ и НАТО, велејќи дека со мандатот на сегашната влада позициите на Македонија во спорот за името петкратно се влошиле. Тој упати остри критики и до претседателски кандидат Иванов дека спротивно на неговите заложби го променил идентитетот на Македонскиот народ.

-Ѓорѓе Иванов во последните пет години е татко на промената на идентитетот на Македонскиот народ. Тој е носител на најголемата промена на идентитетот во Македонија од Антички во Словени, од Словени во Антички и денеска ни раскажува приказни дека тој нема да го предаде македонскиот идентитет, а тој веќе го смени македонскиот идентитет како никогаш порано.-рече Георгиевски.

Во својот говор Георгиевски истакна дека ВМРО НП има програма и визија за подобра иднина на Македонија и дека ќе работи на решавање на големите проблеми кои ги има земјата, посочувајќи дека тоа нема да биде воопшто лесно. Целта на претстојните избори на ВМРО НП е да освои 10 пратенички мандати и да влијае во креирањето на државните политики, најавувајќи враќање на демократијата и слободен развој на економијата. 

На конвенцијата беа претставени 120 кандидати за пратеници на ВМРО НП и носителите на листите во 6 изборни единици. Пред присутните свое обраќање имаше носителот на листата во 5 ИЕ Ванчо Костоски, кој најави дека Охрид и охриѓани ќе ја поправат грешката од изминатите изборни циклуси и ќе ја поддржат ВМРО НП, потсетувајќи ги на проектите кои оваа партија ги реализира во градот во времето кога премиер на владата беше Љубчо Георгиевски.

-Сите тие проекти како Плаошник, патниот правец Охрид – Св. Стефан, чаршијата, мостот на кејот пред хотелот Палас и бројни други, ги градеа домашни фирми од охридско струшкиот регион, а не фирми од Грција и Кина.-рече Костоски. Тој најави дека како пратеник ќе се залага за намалување на казнената политика од најмалку 70 проценти. Да ги ослободиме бизнисмените, сопствениците на дуќани, мали и средни претпријатија да не живеат под стегите на инспекторските служби..

На конвенцијата со голем аплауз беше поздравен Ламбе Арнаудов, кој како што беше истакнато ќе се бори за пратеник во 3-та изборна единица, веднаш зад Георгиевски.

Г. Момироски