Археологот и конзерватор Никола Упевче по една деценија макотрпна работа, состави уникатен мозаик од старото градско јадро на Охрид на кој од птичја и жабља перспектива се претставени најзначајните културно историски знаменитости на градот.
На мозаикот кој всушност е мапа на богатото наследство на Охрид, со златна боја претставено е и богатството кое е скриено под денешните градби. Мапирањето и скицирањето е направено со помош на интернет технологијата, што го прави ова дело единствено на поширокиот простор на Балканот.
-Со развитокот на мапирањето и “Google maps” и појавата на таа програма, ми дојде една идеја да го регистрирам еден вековит град, а под него уште еден, Лихнид, над кој е Охрид. – вели во разговор за OhridNews Никола Упевче.
Во изработката на мозаикот Упевче користел автентични камења од охридскиот регион, но и ретки материјали од разни страни на светот.
– Во изработката на мозаикот употребени се и стакленца, таканаречени смалти, од „Ангело Орсони“ – позната фабрика од Венеција, Италија, која произведува такви стакла, како и специфичниот камен „лапус лазули“ којшто доаѓа од Авганистан и уште од дамнешни времиња бил многу скапоцен минерал. – додада Упевче.
Уникатниот мозаик на Охрид неодамна беше изложен во Рим, а сега се наоѓа во атељето на познатиот ликовен уметник Славко Упевче. Неговот син Никола е подготвен да го отстапи делото на градот за да може да го види пошироката јавност.
– Се надевам дека ќе наидам на разбрање кај градските власти и ќе го поставиме на некое јавно место и овој мозаик ќе биде достапен за пошироката публика и за туристите кои доаѓаат во Охрид, поблиску ќе се запознаат и ќе добијат еден впечaток и еден мој уметнички израз кој ги претставува позначајните археолошки локалитети и цркви кои ги изобилува Охрид. – истакна Упевче.
Никола Упевче кој има работено на конзервација и реставрација на бројни значајни мозаици во Охрид, вели дека градот има огромен потенцијал, бидејќи во него се кријат повеќе столетија културно-историско и природно богатство, кое треба соодветно да се заштити и да се презентира пред стручната јавност и пред туристите.
Г. Момироски



















