Завршните градежни активности врз куќата на Ајри Доко ќе финишираат идната година, информираат од министерството за култура.

Третата фаза од конзервацијата на објектот заврши со поставување на дрвената покривна конструкција и оформувањето на фасадата на објектот, а за идната година предвидено е да се постави надворешната столарија, да се дообработи фасадата на катот од објектот и да се изведат внатрешните преградни ѕидови, велат од надлежното министерство.

Конзервацијата на овој значаен споменик на културата, репрезентативен објект од охридската староградска архитектура, лоциран во стариот дел од Охрид, започна во 2011 година, кога објектот поради сериозните оштетувања на темелите, беше урнат. Градежните работи продолжија во 2012 година кога беа оформени приземјето и катот од објектот.

Реализацијата на проектот за конзервацијата на куќата на Ајри Доко е дел од проектот на министерството за култура за зачувување на архитектонско-стилските вредности на градските јадра и соодветен третман на споменичното наследство во Охрид, а се реализира во соработка со Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид.

OhridNews