Мислам дека советот успеа да го реализира предвиденото со планот за работа. Според бројот на одржани седници и нивната содржина, советот успеа да го одработи она што по наша проценка требаше и вредеше да се дискутира.
– Имаше и мачни седници и спротиставени ставови, но нив ги сметам како борба на различни мислења од кои произлегува квалитет, бидејќи најлошо е кога исто би размислувале. Тоа е и самиот наш ангажман- меѓу себе да се убедиме што треба да преовладува, пред се почитувајќи ги законските прописи и интересите на граѓаните, вели координаторот на советничката група на СДСМ, Томислав Тунтев.
Според Дејан Паноски, координаторот на советничката група на ВМРО- ДПМНЕ, работата на советот во 2011 како и во претходните години го одбележале пазарењата околу урбанистичките планови и неактивноста на мнозинството во однос на одржаните дискусии.
– 2011 е година во која советничката група на ВМРО- ДПМНЕ успеа со својата активност во неколку наврати да спречи теми и процеси кои локалната самоуправа сакаше да ги заврши, а кои ние сметавме дека се несоодветни. Тоа сметам дека е исчекор напред во однос на политичката моќ и влијание на опозицијата. Имавме реален проблем, затоа што мнозинството е целосно неактивно за сметка на опозицијата која нема инструмент за гласање за да може сите свои идеи да ги оствари, потенцира Паноски.
Според него, во изминатата година во однос на мерките кои ги донела локалната самоуправа, не се бележи значаен момент кој драстично ќе им помогне на граѓаните .