Општина Охрид најавува дека ќе стави ред во понудата и издавањето сместување на туристите; посредувањето и туристичките водичи; плаќањето туристичка такса; поставувањето и користењето урбаната опрема и трговијата на јавни слободни површини.

За ова било разговарано на договорниот состанок на претставниците на Секторите за ТЛЕР и урбанизам, Полицијата, општинскиот Инспекторат и државните инспекциски служби. На состанокот било договорено надлежните органи во решавањето на овој горлив проблем кој со години го урива имиџот на Охрид, да работат координирано и континуирано, а не кампањски.


Се најавува координирана акција за ред во туристичката понуда

Активностите и конкретните интервенции ќе бидат заеднички и ќе се спроведуваат непрекинато и во доменот на понудата  на сместувачки капацитети од мал обем, и во она што се нарекува уреденост на градот со користење на легално изнајмена урбана опрема и регулирани обврски за таков вид трговија, буило заклучено на состанокот.

Општината најави дека контролирањето во сместувањето ќе започне уште од главната автобуска станица каде со години наназад се доживува грдата слика за Охрид на „диво“ нудење сместување. Согледана е можноста во елиминирањето на ваквата лоша практика да интервенира и полицијата. Полицијата ќе ја искажува соработката со локалната власт и граѓаните, и тогаш кога има нарушување на редот и мирот од страна на диво сместените гости преку Агенции надвор од Охрид, а кои посредуваат со издавање воглавно на „викенд-становите“, најави општината.


Ќе се воспостави ли конечно ред на автобуската станица

Редот во туристичката дејност ќе се подобри и со контролата од страна на општински и државни инспектори во нивни заеднички акции уште на познатите паркинг –локации во градот каде пристигнуваат групи туристи, а ги дочекуваат нелегални односно нерегистрирани туристички водичи и „посредници“ за сместување. Неплаќањето на туристичка такса ќе биде доследно санкционирано со засилени  инспекциски контроли но и со ИНФО-ТЕЛЕФОН во опшинскиот Инспекторат на кој граѓаните ќе можат да пријавуваат  нелегално сместување туристи кај некој станоиздавач, информираат од локалната самоуправа.

Ohridnews