Речиси 200 земји се согласија на Климатскиот пакт од Глазгов за одржување на 1,5C степени во живот и финализирање на извонредните елементи од Парискиот договор. Климатските преговарачи ги завршија двонеделните интензивни разговори во саботата со консензус за итно забрзување на климатските акции.

Сега можеме со кредибилитет да кажеме дека ги одржавме 1,5 степени во живот. Но, нивниот пулс е слаб и ќе опстане само ако ги исполниме нашите ветувања и ги преточиме обврските во брза акција. Оттука, сега мораме да одиме напред заедно и да ги исполниме очекувањата наведени во Климатскиот пакт од Глазгов и да ја затвориме огромната празнина што останува. Бидејќи, како што ни рече премиерката Миа Мотли на почетокот на оваа конференција, за Барбадос и за другите мали островски држави, „два степени се смртна казна“. Од сите нас зависи дали ќе ја одржиме нашата ѕвезда водилка од 1,5 степени на дофат и да продолжиме со нашите напори да обезбедиме финансии и да ја зајакнеме адаптацијата. По колективната посветеност што ја донесе Климатскиот пакт од Глазгов, нашата работа овде не може да биде залудна, рече претседателот на КОП26, Алок Шарма, осврнувајќи се на задачата што претстои.

Климатскиот пакт од Глазгов, во комбинација со зголемените амбиции и акции од земјите, значи дека прагот од 1,5C останува на повидок, но ќе биде реализиран само со заеднички и непосредни глобални напори. Климатскиот пакт од Глазгов ќе го забрза темпото на климатските активности. Сите земји се согласија да ги ревидираат и зајакнат своите тековни цели за емисиите до 2030 година, познати како Национално определен придонес (НОП), во 2022 година. Ова ќе биде комбинирано со годишната политичка тркалезна маса за разгледување на глобалниот извештај за напредокот и Лидерскиот самит во 2023 година, информираат од Британската амбасада во Скопје.

Има уште многу да се направи во наредните години. Но, денешниот договор е голем чекор напред и, клучно е тоа што го имаме првиот меѓународен договор за постепено укинување на јагленот и патоказ за ограничување на глобалното затоплување на 1,5 степени. Се надевам дека кога ќе погледнеме наназад кон КОП26 во Глазгов ќе го гледаме како почеток на крајот на климатските промени и ќе продолжиме неуморно да работиме кон таа цел, рече премиерот Борис Џонсон. 

Конечниот текст на КОП26 следи по две години интензивна дипломатија и кампања преземени од Претседателството на Обединетото Кралство за зголемување на амбициите и гарантирање на акцијата од речиси 200 земји. Работата се фокусираше на краткорочното намалување на емисиите за ограничување на порастот на температурата до 1,5C, преку мобилизирање на јавните и приватните финансиери и поддршка на заедниците во прилагодувањето на влијанијата врз климата.

Кога Обединетото Кралство се зафати со КОП26, во партнерство со Италија, пред речиси две години, само 30% од светот беше покриен со нулта емисија. Оваа бројка сега е околу 90%. Во истиот период, 154 страни поднесоа нови национални цели, што претставува 80% од глобалните емисии. Претседателството на Обединетото Кралство, исто така, беше фокусирано на поттикнување на акција за намалување на емисиите. Видовме огромна промена со јагленот, при што многу повеќе земји се обврзаа постепено да ја исфрлат струјата од јаглен и да го прекинат меѓународното финансирање на јагленот.

Сегашните политики ќе не остават на пат кон катастрофален пораст на температурата. Но, работата на независните експерти кои ја спроведуваат анализата за Следење на климатските акции [Climate Action Tracker] покажува дека со целосна имплементација на новите колективни обврски може да се одржи пораст на температурата до 1,8C. Дури и со акцијата извршена и за време и пред КОП26, заедниците ширум светот ќе продолжат да го чувствуваат влијанието на нашата планета која се менува, се додава во соопштението од Британската амбасада.

OhridNews