Туристичката 2011 година е исклучително успешна, оцени Дончо Танески, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија – ХОТАМ. Тој информираше дека тур-операторот „Корендон“ и домашниот партнер „Фибула“ оваа година реализирале 11.000 пакет аранжмани на холандскиот пазар, што е за 40 отсто повеќе од предвиденото, поради што на охридскиот аеродром, наместо првично договорените два, неделно слетуваа по четири чартер авиони од Амстердам.

Последните 149 гости од Холандија кои престојуваат на охридско – струшкото крајбрежје на 18 ти октомври од аеродромот Св. Апостол заминуваат од Македонија, а со себе ќе понесат позитивни импресии.

-Над 95 проценти од холандските гости  имаат позитивни коментари за престојот во Македонија, а малкуте забелешките во најголем дел се однесуваат на временските прилики пролетта во Македонија и на храната, поточно на температурата на оброците кои ги добивале гостите. –појаснува Танески.

Тој изрази очекување дека угостителите ќе ја искористат паузата до следната година за отстранување на посочените забелешки, со цел што поподготвени да ја дочекаат новата сезона, која според најавите ќе биде исто така успешна.

– Веќе има преку 200 продадени аранжмани за 2012 година. Договорени се 4 лета неделно за идната година, а постои можност и за петти. Се очекува зголемување и на бројот на гости на кружните тури низ Македонија, а понудата ќе биде збогатена со пакет аранжман во кој покрај Македонија ќе бидат вклучени уште и Албанија и Косово, на што уште се работи, истакна Танески.

Првиот чартер авион со туристи од Холандија во Охрид догодина ќе слета на 4 мај, а последниот на 23 октомври.

OhridNews