Социјално ранливите лица бесплатно ќе добијат елаборати за легализација на бесправно изградени објекти. Од Владата апелираат што побрзо да се искористи оваа можност. Сите лица корисници на социјална или постојана парична помош, како и лицата кои имаат ниски примања веќе може да ги поднесуваат барањата за изготвување на бесплатен елаборат. Процедурата е едноставна и има нула трошоци.

Лицата кои се корисници на социјална парична помош или на постојана парична помош, треба да извадат само потврда од Центрите за социјална работа дека се корисници на такво право и истата таа потврда да ја однесат во Агенцијата за Катастар за недвижности на шалтер каде што ќе им биде доставен образец да го пополнат, да го пријават своето барање, да го запишат и бројот на поднесокот за основната легализација и потоа во соодветен период ќе се реализира изработката на елаборат од страна на државниот Катастар.

Лицата пак, кои не се корисници на социјална или постојана парична помош, но се лица со ниски примања до 168 илјади денари годишно на ниво на домаќинство, треба да извадат потврда од страна на УЈП и по истата процедура да ја достават до Катастарот.

Иако рокот за поднесување е до 31 декември 2015 година, од Владата повикаа социјално загрозените лица што побрзо да ја искористат оваа можност, бидејќи ќе имаат поголема корист.

Од средината на минатиот месец, од кога тече и рокот за поднесување, до Агенцијата за катастар на недвижности чии служби ќе ги изработуваат елаборатите, се поднесени околу 200 барања.