Трговијата со дрога и луѓе, финансискиот криминал, корупцијата во институциите на системот и тероризмот се главните проблеми со кои се соочуваат земјите во регионот.  Во тоа согласни се директорите на полициите на Македонија, Црна Гора, Б и Х и на Хрвстака, Љупчо Тодоровски, Веселин Вељковиќ, Златко Милетиќ и Оливер Грбиќ, кои во Охрид учествуваат на состанокот на Асосцијата на директори на полиции од регионот на Југоисточна Европа –SEPCA.

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Љупчо Тодоровски, кој денеска го презеде ротирачкото претстедателство со SEPCA, истакна дека активностите на асоцијацијата за време на македонското претстедателство ќе бидат фокусирани кон реализација на 16 проекти насочени кон откривање и сузбивање на криминалот во регионот, од кои дел се во тек.

Идејата е да создадеме квалитетни критериуми за полициска обработка и нразбивање на најголемите криминални групи кои делуваат во регионот, рече Тодоровски. Тој најави дека интерес за вклучување во регионалните полициски активности пројавиле Италија, Австрија и Турција кои понудиле кадровска и техничка помош.

Златко Милетиќ, досегашен претседавач на SEPCA, информираше дека полициите од регионот реализирале повеќе успешни акции и спречиле достава на големи количини оружје за познати терористички групи активни во западна Европа.

–  Проблемот со тероризмот во Европа е потценет,  не само вахабизмот со што како проблем се соочуваат дел од земјите во регионот, туку и другите форми на тероризам, на што во наредниот период ќе треба да се обрати многу повеќе внимание , истакна Милетиќ.

Директорот на хрватската полиција, Оливер Грбиќ, предупреди дека во регионот постои тенденција на легализација на парите стекнати со криминал преку купување на недвижности на атрактивни локации на јадранското крајбрежје. Како сериозен проблем тој ја нагласи и корупцијата на администрацијата во сите држави во регионот, што како што истакна го поткопува системот.

Директорите на полициите од Балканот сметаат дека не е загрозена безбедноста на регионот, бидејќи криминалните групи кои дејствуваат не се толку моќни и со нив полициите барем засега успешно се справуваат.

OhridNews