Инцидентот кој се случи пред две ноќи во Косел, кога стар иструлен чинар падна врз паркиран автомобил марка „Мерцедес“ во центарот на селото, ги алармираше надлежните служби во локалната самоуправа. Тие предупредуваат на лошата состојба во која се наоѓаат трите стари чинари во градот Охрид, кои се заштитени со закон.

Општината преку одделението за заштита на животната средина испратило повеќе дописи до надлежното министерство и очекуваат одговор со цел навремено да се реагира за да се спречат евентуални несакани последици. 

– Ние имаме точни сознанија дека дека вториот чинар кај Кошишта постои опасност да се сруши и се надевам дека министерството за животна средина ќе има слух и ќе даде согласност тие гранки да бидат отстранети како не би се случиле непријатни ситуации.-изјави Танас Танасоски, раководител на општинскиот инспекторат.

Инаку возилото врз кое падна стар чинар во Косел е речси целосно уништено. Мештаните велат дека повеќе од 15 години барале од надлежните институции да го исечат старото дрво бидејќи освен околните куќи и ресторанот кој се наоѓа во близина, во постојана опасност биле и минувачите кои секојдневно поминуваат тука, а недалеку е и локалното училиште. Тие апелирале и до општината Косел која со територијалната реорганизација се спои со општината Охрид, каде според одговорните не било доставено официјално барање за санирање на стариот чинар во Косел. 

-Такво барање до ден денеска до локалната самоуправа нема, инаку ние сигурно ќе реагиравме. Мора да се спомне дека чинарот е заштитено дрво и многу тешко се добива дозвола за кастрење на тие гранки.-истакна Танасоски. 

Чинарот кој падна се наоѓал на државно земјиште. Од остатоците кои се расфрлани на сите страни може да се забележи дека тој бил подолго време во лоша состојба, но не било навремено реагирано. Во непосредна близина има уште еден стар чинар за кој локалното население стравува дека исто така може да падне и да предизвика несакани последици. Во сериозно лоша состојба се и чинарите во градот Охрид. Во декември минатата година се скрши голема гранка од стариот чинар на малиот плоштад во центарот на градот, а неколку месеци подоцна голема гранка се откина од чинарот во населбата Кошишта, но за среќа и во двата случаи немаше повредени минувачи. Според стручњаците неколку векови старите и трошни чинари треба најитно да се санираат и поткастрат за да се заштитат граѓаните и нивните добра.

Г.М.