Охридските кошаркари во “еден два“ пресметката од шестата рунда во втората машка лига на домашен терен го пречекуваат Гоце Делчев. Мечот се игра во 17 часот во салата “Билјанини Извори“.


– Играме со екипа која има високи амбиции, тие се пласман во првата лига. За противник имаме искусен тим составен од неколку прволигашки кошаркари додека ние сме млади и желни за докажување. Не очекува тешка битка и борба до последна минута, но се надевам со добра игра во одбраната како на мечот со Бест и со голема поддршка од трибините ќе извојуваме победа на дерби пресметката – истакна Ренато Димитриевски.

Со пласманот на Лихнидос во втората лига, се врати желбата за кошарка кај охридската публика. Од натпревар во натпревар се зголемува посетеноста, а Димитриевски очекува оти овој меч ќе биде пресвртница во сезоната.


– После подолго време полека се враќа кошарката во Охрид. Заживува спортската атмосфера, публиката е се побројна на трибините, а ние им возвраќаме со победи. Тимската атмосфера во соблекувалните е на завидно ниво, што се пренесува на теренот – рече Димитриевски.


Ренато Димитриевски во Охрид пристигна со неговиот брат Роберт. Со нивната специфична висина и стил на игра станаа миленици на охридската публика. Роберт е задолжен за поентирање додека Ренато за кревање на публика на нозе.

– Во Охрид се чувствуваме прекрасно, затоа што тука ни е вториот дом. Луѓето од клубот како и соиграчите не прифатија одлични и убаво е да се биде дел од оваа приказна. Се надевам дека со добра игра на мечот со Гоце Делчев уште еднаш ќе ја израдуваме верната охридска публика – заврши Димитриевски.

Мх.П.