Попладнево Парламентот на Косово ја усвои деклрацијата за независност. Косовските власти овој ден го прогласија за историски, додека официјален Белград соопшти дека никогаш нема да признае „вештачка држава на територијата на Србија“.

Независноста на Косово, покрај во Приштина се слави и во Македонија и Албанија. Во организација на локалната самоуправа попладнево на градскиот плоштад во Струга жителите Албанци  го прославуваат  прогласувањето независност на Косово.

„Општина Струга организира културна програма со која достоинствено ќе биде одбележана независноста на Косово“, ни изјави градоначалникот на Струга Рамиз Мерко. Покрај Струга прослави денеска се организираат и во Скопје, Тетово, Гостивар, Дебар и во други места каде живее албанско население.

Лидерот на владејачката ДПА, Мендух Тачи, вчера упати апел до граѓаните да не излегуваат на масовни прослави, туку независноста да ја прослават мирно и достоинствено во своите домови и да се воздржат од употреба на огнено оружје за време на прославата. И покрај тоа македонските информативни агенции јавуваат дека на прославите на плоштадите се слушаат истрели од огнено оружје.

Г. Момироски
фото: Routers