Германската компанија за изработка на прецизни делови за автомобилската индустрија „Костал“ со нова инвестиција во фабриката во Охрид. Станува збор за производство на полначи за електрични и хибридни возила кое треба да започне во 2024 година.

Оваа голема инвестиција денес беше најавена од страна на заменик-претседателот во Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, главниот оперативен директор и член на УО на Костал, Хансјорг Херман, заменик-амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф и генералниот директор на „Костал” Македонија, Виктор Мизо.

Ова е производство со висока додадена вредност што е исклучително важно за развојот на нашата економија. Разговаравме и за потпишување на нов договор за државна поддршка и на овој нов голем значаен проект во вредност од 25 милиони евра со нови 200 вработувања во првичната фаза, а производството е планирано да започне во 2024 година, истакна Битиќи.

Битиќи додаде дека ова е еден доказ за поддршката која државата ја дава за инвестиции кои се дел од вредносниот ланец на индустрии со високо софистицирана технологија, додавајќи дека доброто работење на компаниите како „Костал“ во Владата имаат партнер кој ги поддржува и ќе ги поддржува и во иднина.

Во моментов овде работат над 950 високо квалификувани вработени со просечна бруто плата од 850 евра. Градиме поволен и предвидлив деловен амбиент за нови инвестиции и токму затоа сериозни инвеститори како „Костал“ кои веќе го вложиле капиталот во земјава размислуваат и за инвестиции во други индустрии и локации во земјава, додаде Битиќи.

Генералниот директор на „Костал” Македонија, Виктор Мизо рече дека станува збор за технолошки најсофитицираниот производ кој се произведува во рамки на „Костал групацијата“ и ќе се произведува за Европа токму овде во Охрид, но е и најсофитицираниот производ што се произведува од автомобилската индустрија во Македонија.

Досега „Костал“ има вкупно вложено над 100 милиони евра и планот е од средината на 2024 година да ги произведуваме сите системи на полначи кои се монтирани внатре во авотмобилите од групацијата Фолксваген, каде влегуваат Фолксваген Пасат, Шкода Октавиа, Ауди, Порше. Сите плагин хибридни возила идните системи коишто ќе ги користат ќе бидат произведени тука. Оваа инвестиција има потенцијал да биде зголемена на 40 милиони евра и 350 нивни вработувања кое ќе биде одлучено во наредните две три недели на раговорите со Фолксваген, истакна Мизо.

Главниот оперативен директор и член на УО на Костал, Хансјорг Херман рече дека на средбата станало збор околу моментална ситуација, но и плановите за инвестирање во иднина.

Разменавме мислења околу моменталната ситуација, како и за големите планови што ги имаме за во Македонија. Ги разгледавме можностите за нашиот бизнс. Голема инвестиција планираме во наредните две-три години, рече Херман.

Заменик амбасадорот на Сојузна Република Германија, Ото Граф истакна дека оваа соработка е голем пример како можат двете земји, РС Македонија и Германија, да соработуваат на економски план.

Затоа сум благодарен на Владата, бидејќи секогаш не подржуваат за носењето на инвестиции во земјата. Денес разговаравме и за потешкотиите со кои се соочуваат компаниите во моментов преку ценовните шокови и кризата во Украина. Заначајно е што можеме да најдеме заедничко решение. Економската соработка продолжува на високо ниво. „Костал“ е секако значаен сегмент од ова, истакна Граф.

На средбата станало збор и за дополнителни инвестиции на групацијата „Костал“ и надвор од Охрид, како и инвестиции надвор од автомобилската индустрија.

Н.С.Ј.