Германската компанија за автомобилски компоненти „Костал“ која со отворањето на фабрика на просторот на некогашен „ЕМО“, ја раздвижи економијата во земјава, најавува сериозни инвестиции и зголемување на бројот на работници  во својот производствен капацитет во Охрид

Во Македонија „Костал“ планира во наредната календарска година да вложи помеѓу 18 и 20 милиони евра во нови производствени линии, а бројот на вработени од сегашните 322 да го зголеми над 500. Бизнис-плановите на „Костал“ се производствените капацитети во Охрид да се прошират на 35 илјади метри квадратни, производствени линии со 850 вработени и годишен обрт на капитал во вредност од 200 милиони евра. За потребите на новите линии за производство „Костал“ и напојување на предвидените меѓу 40 и 56 машини за лиење пластични производи, потребни ќе бидат пет мегавати електрична енергија, што само го потврдува обемот на производство што компанијата го планира за својот капацитет во Македонија. – истакна директорот Виктор Мизо

Во фабриката на „Костал“ во Охрид се произведуваат софистицирани компоненти за речиси сите светски автомобилски компании. Директорот на „Костал“ Виктор Мизо појаснува дека според комплексноста на производството,„Костал“ е меѓу технолошки најсофистицираните фабрики не само во Македонија туку и во овој дел од Европа, со автоматизирано производство со еден робот на двајца вработени.

Доколку целта на компанијата е да достигне бројка од илјада вработени, значи дека во погоните во Косел во процесот на производство ќе бидат вклучени 500 роботи. Таква фабрика нема јужно од Виена. – посочи Мизо.

Речиси 99 отсто од вработените во „Костал“ во Македонија во самиот производствен процес се од Охрид и Струга. Проблем претставува високообразованиот обучен кадар кој локално тешко се наоѓа, така што се ангажираат технички инжинери од другите градови.  Според Мизо, во Македонија  покрај недостатокот на квалификуван кадар за опслужување на високотехнолошки производствени капацитети, дополнителен проблем претставува мобилноста на работната сила.

Персоналот го креираме преку континуирани обуки на нашите вработени во сопствените фабрики во Германија и Ирска. Во Германија работници за на линија на најмалку четириседмична обука, додека во Ирска во електроника од шест до девет месеци, изјави Виктор Мизо.

Во насока на обезбедување квалификувана работна сила, „Костал“ на летна пракса ангажира 13 апсолвенти од завршните години на електро-машинскиот и факултетите за информатика и технологија во земјата, на девет седмици обука со обезбедено сместување, месечни примања со понуда за стипендирање до завршување на студиите и отворен повик за вработување со почетна плата од 500 до 600 евра.

Решението за проблемот со стручен кадар за самиот производствен процес се бара во во ведување дуален систем на средно образование, што претставува спој на учење и пракса. За таа цел неодамна преставници на ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ од Охрид, на Министерството за образование и наука, Бирото за развој наобразованието, Центарот за стручно образование престојуваа во студиска посета на Германија, да се запознаат со начинот на организирање и спроведување на дуалното образование. Покрај ова „Костал“ заедно со уште две други фабрики со странски капитал во Охрид, организираше Отворен ден во електромашинскиот училишен центар во Охрид на кој учениците можеа да се запознаат за можниостите за стручно образование и перспективите кои ги нуди германскиот гигант во производството на компоненти за автомобилската индустрија.

OhridNews