Директорката на ЈОУДГ „ Јасна Ристеска“  информира дека проблемот со недостиг на кадар во установата конечно е решен. Деновиве, заврши конкурсот за вработување на уште пет лица , три воспитувачи, неговател и помошник готвач, со што бројката на новоангажиран кадар во градинката се заокружи на 34 лица.

Потребниот број  се пополна со луѓе кои беа ангажирани преку агенцијата за времени вработувања, во што се вклучи и локалната самоуправа, а четири лица беа преземени како дел од владината акција за вработување лица од социјално ранливи категории, меѓу кои еден хигиеничар, помошник во кујна, негователка и чувар- градинар. Дополнителен број луѓе беа ангажирани и во новите групи во Развигорче, Лихнида, Велгошти и Лескоец. Оние лица кои се ангажирани со договор на дело се надевам ќе се решаваат тековно, преку конкурси распишани од страна на министерството за труд и социјална политика, вели директорката Роза Костоска.

Проблемот со недостигот на кадар во охридската градинка се провлекуваше подолг период, при што се потенцираше дека за непречено функционирање на установата потребни се уште дополнителни 40 лица. Со ангажирањето на новите 34 ,оваа бројка во голем дел е пополнета, и како што потенцираат од градинката децата се соодветно згрижени.

Во моментот, објектите во рамки на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ ги посетуваат 878 деца.

Т.К.