Најавите од носителот на листата за пратеници од ВМРО- ДПМНЕ, Антонио Милошоски, за изградба на автопати и вработувања на голем број граѓани, од општинската ВМРО- Народна партија ги оценуваат како обична предизборна лага.
– Откако видоа дека ги губат овие избори, почнаа да зборуваат и за изградба на автопати и да ветуваат се и сешто. Имав прилика да патувам низ Кичево и Струга и никако да го видам поставениот камен темелник за автопатот што го најавија уште во ноември. Пред два месеци поставија и камен темелник, но од него нема ниту трага, а камоли градежни активности. Граѓаните од Охрид, Кичево и Струга се сведоци дека во овие осум години од владеење на ДПМНЕ не е поставен ниту еден клинец, а не некоја посериозна инвестиција што била почната и завршена од страна на владата на РМ, рече претседателот на општинската ВМРО- НП, Ванчо Костоски.
Костоски истакна дека сака да го потсети Милошоски, дека во 2011 ВМРО-НП како опозиција, барала изградба на автопатот Кичево- Охрид, но од страна на премиерот Груевски било кажано дека тоа е неисплатлива инвестиција и дека на граѓаните не им се потребни автопати, бидејќи над 70% од нив патуваат по локални и регионални патишта.
– Кажаа дека во Охрид ќе влезела германска фирма, Бакрачески најави и инвестиција од канадска фирма, но не видовме кои се тие фирми што ќе инвестираат , ниту нивни претставници за да видиме до кој степен се стигнати нивните инвестиции, рече Костоски.
Претседателот на ОК на ВМРО- НП го повика Милошоски на ТВ дуел на кој би разговарале околу најавените инвестиции, работењето на владата во изминатите 8 години, како и за историјата на ВМРО- ДПМНЕ .
Костоски додаде дека ја подржува изјавата на Милошоски дека Охрид ќе биде едно големо градилиште, но дека тоа ќе биде со новата влада во која во најголем број ќе учествуваат пратениците од ВМРО- НП.
Т.К.