Само да не се направеше тримумфалната капија , која е без било каква историска вредност за Македонија, владата со потрошените пари за капијата ќе и помогнеше на општина Охрид во раздолжувањето, потенцираат од општинската ВМРО- Народна партија.
– Капијата според наши пресметки чини од 500.000 до 600.000 евра, а се прикажа дека нејзината вредност е 4,5 мил евра. Со тие пари ќе се платеше долгот на општината од 4 милиони евра за изградба на системот за водоснабдување на Охрид и Струга . Трите жални врби кои беа атракција и кои вредат 2.000 евра,ги прикажавте дека чинат 250.000 евра. Парите за изградба на златна ограда на еден од мостовите или ако не направевте куршлус при изградба на болницата при што 400.000 евра отидоа во неповрат, ќе се затвореше некоја дупка од долгот на општината, рече претседателот на ОК на ВМРО- НП, Ванчо Костоски.
Тој додаде дека новата влада во која ќе учествува и ВМРО-НП ќе го гради автопатот Кичево- Охрид, но не по цена од 5,5 мил евра за километар туку по цена од околу 2,5 милиони евра за километар, со што би дошло до заштеда од 80 до 100 мил евра.
Костоски потенцира дека има разлика во владеето на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО- НП при што како пример го наведе раководењето со ЕМО Охрид.
– 2003 кога нашите последни раководители го оставија ЕМО со 1700 вработени, без намалување на платите во висина од 12000 денари кои работниците редовно ги земаа, генералниот директор земаше плата од 40.000 денари. Сега со 250 вработени, катастрофални резултати, плати кои доцнат, директорот зема од 180.000 до 200.000 денари плата, рече Костоски.
Костоски уште еднаш повтори дека е подготвен за ТВ дуел со Антонио Милошоски или со кандидатите за пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но додаде дека за жал досега тие не одговориле на неговиот повик.
OhridNews