Долгот кој беше затекнат со доаѓањето на новото раководство во јавното претпријатие „Градски пазар“ е намален, а обврските кон добавувачите, надзорниот и управен одбор се исплатени, информира директорот на претпријатието, Тони Коталески кој денес, на прес конференција ги соопшти предвидените идни активности на „Градски пазар“.
– Наскоро ќе започне со работа интернет страната која редовно ќе се ажурира со податоци со што ќе се олесни работата со комитентите. Воспоставена е организација на извршувањето на работните задачи на сите вработени во правец на едношалтерски ситем на вршење услуги, со цел поефикасно извршување на сите активности. Во идниот период ќе започне реализацијата и на низа други проекти, меѓу кои изградба на пазар за продажба на моторни возила, формиран е нов сектор за соработка со производители на органска храна , а ќе се подобруава и енергетската ефикасност, изјави Коталески.
Директорот на јавното претпријатие, потсети дека за скоро време се очекува да биде распишан тендер за доделување на договор за јавно приватно партнерство и изградба на најавениот современ затворен зелен пазар, во чии рамки се предвидени и шопинг центар, паркинг простор, магацин, административни простории. Коталески потенцира дека во текот на реализацијата на проектот, ќе биде овозможено непречено функционирање на пазарот.
Т.К.