Во тек е монтирање на новиот ангиограф во Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Свети Стефан“ во Охрид добиен преку Министерството за здравство, на што како што вели директорката на установата Елена Коваческа Башуроска долго чекале, а ќе влијае на квалитетот на услуги во одделот за интервентната кардиологија.

Има голема листа на чекање. Чекањето за елективниот програм за пациентите е некаде три месеци во нашата установа. Посебно сега, во периодов кога не работи постоечкиот ангиограф и се монтира новиот, имаме зголемување на листата пациенти за чекање, меѓутоа се надеваме дека со новиот ангиограф ќе се подобрат условите и со поголем ангажман, кој секако зависи од буџетот и можноста за набавка на дополнителни материјали во интервентната кардиологија, максимално ќе направиме таа листа за чекање на пациенти се намали, вели д-р Коваческа-Башуроска.

Годишно има над 2.000 пациенти каде што се вршат дијагностички и интервентни процедури во ангиографската салата. Во Македонија вакви апарати има на Клиниката за кардиологија во Скопје, Болницата 8-ми Септември, во Општите болници во Штип, Струмица, Тетово и Битола каде што овие апарати во голем дел не работат, вели директорката.

Ние сме регионален центар, работиме со пациенти од Охрид, Струга, Дебар, Киќево, Ресен, Битола и пациенти од Прилеп. Стоиме на ставот дека има потреба од простор, од уште една ангиографска сала и уште еден ангиограф за обемот на услуги кои оваа установа ги извршува како регионален коронарен простор, додава Коваческа-Башуроска.

Н.С.Ј.